Премиерот Христијан Мицкоски очекува следната недела да дојде до позначително намалување на цените на дизелот и бензините, откако Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) вчера ги зголеми малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 4,55 проценти, пренесе МИА.
Одговарајќи на новинарско прашање дали Владата размислува за намалување на акцизите или на ДДВ за горивата, Мицкоски изјави дека акцизната политика се анализира на секои две недели и дека новата пресметка ќе биде направена на крајот на месецот.
-На секои две недели се прави анализа на акцизите. На 31 јули завршува тековниот пресметковен период и врз основа на тие параметри ќе се носат одлуките што ќе влијаат врз цената на нафтените деривати. Добро е што веќе два дена по ред цената на нафтата на светските пазари опаѓа. Денеска се стабилизира околу 85 до 86 долари за барел, па очекувам следната недела да има поголемо намалување на цените на дизелот и бензините – изјави Мицкоски при посетата на Општина Илинден.
Тој нагласи дека горивата се берзански производ и дека нивната цена зависи од движењата на светските пазари, но посочи дека Македонија и натаму има меѓу најниските цени на горивата во регионот.
-Сите држави купуваат нафта од истиот пазар. И покрај тоа, ние имаме убедливо најниски цени на дизелот и безоловниот бензин во регионот, а и меѓу најниските во Европа – рече премиерот.
Според последната одлука на РКЕ, од полноќ максималната малопродажна цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 93 денари за литар, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 се продава по 95 денари за литар. Од Комисијата соопштија дека корекцијата е резултат на порастот на референтните цени на светските пазари.
Од РКЕ потсетуваат дека станува збор за максимално дозволени малопродажни цени, а трговците имаат можност горивата да ги продаваат и по пониски цени.
































