Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска оствари средба со вршителката на должност амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс, на која разговарале за економските приоритети на земјата, реформските процеси и можностите за понатамошно зајакнување на соработката меѓу двете држави, пренесе МИА.
За средбата министерката информираше преку објава на својот Фејсбук профил, посочувајќи дека акцентот бил ставен на одржувањето стабилни јавни финансии, одговорното управување со јавните средства и спроведувањето политики што ќе поттикнат економски раст, инвестиции и подобрување на деловната клима.
Димитриеска-Кочоска изрази благодарност за континуираната поддршка од САД, особено преку соработката со Трезорот на САД, која, како што наведе, придонесува за зајакнување на институционалните капацитети и унапредување на процесите во Министерството за финансии.
-Продолжуваме со посветена работа на реформи, силни институции и економски политики што носат резултати за граѓаните – напиша министерката.
































