Здрава храна
Пуканките се едни од најпопуларните грицки, не се калорични, содржат многу влакна, поради што подолго се чувствувате сито, а и лесни се за желудникот. Сепак, сите добри страни може да се уништат ако ги приготвите на погрешен начин. Најпрво, не треба да ги приготвувате во микробранова печка, бидејќи овие пакувања содржат многу сол и мрснотија. Освен тоа, вреќичката во која се наоѓаат содржи перфлуороктанска киселина, која е многу штетна за здравјето, стои во објавите на официјалната страница на Американската агенција за храна и лекови (ФДА). Оваа состојка служи за задржување на маснотиите во вреќичката, а тестирањата на животни покажале дека нејзината консумација го зголемува ризикот од рак на црниот дроб, тестисите и на панкреасот.
Некои вреќички содржат 4-6 грама маст, што е меѓу 20 и 30 отсто од дневната вредност на хранливите состојки само во една порција, како и целото количество маснотии што би требало да се внесат во организмот во текот на еден ден. За штетноста на солта не треба ни да се зборува. Исто така, избегнувајте да јадете пуканки во кино, зашто само една вреќичка има 1.160 калории, а количеството на масти е доволно за три дена. Па, како тогаш да ги јадеме пуканките? Стручњаците велат дека најдобро е да се испечат во тенџере со мало количество масло и на крајот да се додаде малку сол или во апарат за пуканки што пече на врел воздух.