Во многу наврати досега, „Нова Македонија“ апелира и упатува повици и предупредувања до сите учесници во сообраќајот за тоа колку е висок степенот на ранливост на пешаците во сообраќајот. Илјадници текста се напишани токму на таа тема, а повторно низ улиците во земјава има повредени или загинати. Голем број кампањи и апели се реализираа во изминатиот период токму за да се алармираат возачите дека е потребно да возат многу внимателно, но, сепак, ситуацијата на терен покажува дека возачите сѐ уште пречесто ги занемаруваат сообраќајните правила, а последиците од тоа се многу повеќе од трагични…

Секојдневно сообраќајната полиција казнува повеќе од стотина возачи на територијата на целата држава поради брзо возење, но и покрај честото присуство на полицијата на улиците во земјава, некои од возачите не ги почитуваат правилата и бестрашно возат, притискајќи го педалот за гас повеќе отколку што е дозволено. За жал, повторно Македонија е завиена во црно како последица на прегазен пешак. Овој пат, 24-годишна девојка од Радовиш го загуби животот, откако беше прегазена на пешачки премин од страна на 22-годишно момче. Граѓаните се во шок, неверување и дури и со гнев кон сѐ поголемото непочитување на пропишаните сообраќајни правила и прописи.
Во многу наврати досега, „Нова Македонија“ апелира и упатува повици и предупредувања до сите учесници во сообраќајот за тоа колку е огромна ранливоста на пешаците во сообраќајот. Илјадници текста се напишани токму на таа тема, а повторно низ улиците во земјава се повредуваат или умираат голем број пешаци, од кои најголемиот дел го губат животот поради пребрзо возење и неправилно управување на возилата. Голем број кампањи и апели се реализираа во изминатиот период токму за да се алармираат возачите дека е потребно да возат многу внимателно и правилно, според пропишаниот ред, но, сепак, ситуацијата на терен покажува дека возачите сѐ уште премногу го притискаат педалот за гас, до тој степен што со тоа му ставаат крај на невин човечки живот.

ЦРНИ ТОЧКИ „ПОСЕАНИ“ НИЗ ЦЕЛО СКОПЈЕ

Според првичните сознанија, до несреќата, која се случи во четвртокот вечерта, дошло кога патнички автомобил „цитроен Ц4“, управуван од лице на возраст од 22 години, удрил во двајца пешаци, девојка и момче на возраст од по 24 години, кои поминувале преку улицата. Од добиените повреди, девојката починала на самото место, додека другиот пешак бил повреден и пренесен во болница, каде што му биле третирани повредите.
По наредба на јавен обвинител, возачот на автомобилот веднаш по несреќата беше лишен од слобода и задржан во полициска станица. Нему му беше одредена мерка притвор во времетраење од 30 дена. Според направените анализи на крвта и урината, момчето не било под дејство на алкохол.
Скопјани се во шок. Велат дека сѐ уште не го заборавиле случајот од летово, кога во Железара на улицата Коце Металец беше прегазена млада жена, мајка на две деца, исто така на пешачки премин. Тогаш, тамошните жители секојдневно организираа протести на кои бараа поставување лежечки полицајци и забавувачи на сообраќајот, со што во голема мера се зауздија брзите и бесни возачи. Но, сепак, велат дека на едно место е средено, но на друго не е.
Булеварот Партизански одреди е една од улиците во Скопје по која се вози како на трки. Тамошните жители реагираат дека секојдневно сведочат на брзо и лудо возење и тврдат дека многумина дури и ја игнорираат полицијата и нејзиното присуство. Ќе забават додека да ја поминат полицијата и потоа повторно притискаат на педалот за гас над дозволеното.
– Партизанска е една од улиците што се кошмар за нас жителите во овој дел од градот. Залудни се пешачки премини кога никој не ги почитува ниту знаците, ниту премините, ниту, пак, ни дава предност нам, пешаците. И проблем не се само возилата, туку и моторите, но среќа сега не се толку активни затоа што временските услови не им одговараат за лудување по улиците – вели Јасна Анастасовска.
Проблем не е само Партизанска туку и голем број други улици во Скопје. Според скопјани, вакви „црни точки“ има и во Гази Баба и во Чаир и во Бутел и во Аеродром.
Како што велат, во Гази Баба ваква ризична улица е Благоја Стефковски, во Бутел е булеварот Христијан Тодоровски-Карпош, во Чаир е Пластичарска, додека, пак, во Аеродром е Јане Сандански, иако тие не се единствените во Скопје.
– Сериозен е проблемот со возачи шерифи во Скопје. Јас живеам во Бутел, на булеварот Христијан Тодоровски-Карпош. Кај нас сообраќајот е уредно регулиран. Има пешачки премин, семафори, сообраќајниците се одвоени со жардиниери, пешачките обележани…, но секогаш улицата ја преминувам преку жардиниера. Знам, сите ќе го осудат овој чин, најмногу тие што не живеат тука. Знаете ли колку сериозен проблем е да преминете улица на обележан пешачки премин, пред возилата? Возачите што се симнуваат од Железара од нагорнината, а кои сакаат да вртат десно кон Бутел 1, на семафорот мора да чекаат со тие што одат право кон поликлиниката Чаир. Е сега, кога не им се чека, ги обиколуваат возилата што чекаат за право, возат во спротивната лента и иако нам, пешаците, ни е зелено, тие поминуваат прекршувајќи го законот и ризикувајќи ги нашите животи. Неколкупати досега за малку ќе ме прегазело возило, кое така самобендисано одлучило дека не му се чека на семафорот – вели Маријан Трајчевски.

ЌЕ ПОМОГНАТ ЛИ УШТЕ ПОВИСОКИ САНКЦИИ ЗА СООБРАЌАЈЌИ ВО КОИ ИМА ЖРТВИ

Портпаролот на Министерството за внатрешни работи, Тони Ангеловски, истакна дека работат на измени на Законот за безбедност во сообраќајот во координација со Министерството за правда и другите институции.
– Ќе бараме зголемени санкции за овие сообраќајни прекршоци во кои има и жртви. Исто така ќе има и санкции за оние прекршоци што се прават намерно за злоупотреба на социјалните мрежи. Сега правиме измени на законите што ние ги предлагаме, а апелираме до пратеници да дадат поддршка за да се зголемат казните за овие прекршоци. Апелирам и до судовите да има построги казни за луѓето што убиваат на сообраќајниците – рече Ангеловски.
Тој повика на поголема одговорност во сообраќајот.
– Мораме сите да придонесеме за безбедност во сообраќајот. Вие сте сведоци дека ние постојано сме излезени на улиците и постапуваме за да ги санкционираме престапниците, кои, за жал одземаат и животи. Над 240 илјади санкции имаме изречено минатата година, а од нив повеќе од 100 илјади се изречени за брзо возење, и тоа станува збор за огромни надминувања над дозволената брзина. Имаше ситуации кога возачи возеле со 300 км на час, што е ненормално, ние немаме патишта за таква брзина.
Работиме на измени на Законот за безбедност во сообраќајот во координација со Министерството за правда и другите институции. Ќе бараме зголемени санкции за овие сообраќајни прекршоци во кои има и жртви – потенцира портпаролот на МВР.
Тој нагласи дека ќе има санкции и за оние прекршоци што намерно се прават за да се објават на социјалните мрежи.