Во последниот број, британскиот неделник „Тајмс литерари саплмент“ (ТЛС), кој е едно од најпрестижните светски книжевни списанија, ја објави песната „Милениче“ од Лидија Димковска, во препев на англиски на Љубица Арсовска и Патриша Марш-Стефановска. Песната „Милениче“ е дел од последната поетска збирка на Димковска, „Гранична состојба“, во издание на „Или-или“, која ја доби наградата за најдобра поетска книга „Браќа Миладиновци“ на „Струшките вечери на поезијата“ што се одржаа во август минатата година.
Димовска е прв македонски автор објавен во ова престижно списание.
Повеќе од еден век, „Тајмс литерари саплмент“ е водечки светски културен магазин, со есеи и критики за најзначајните книги, идеи и уметност на нашето време.
– Сè уште сме горди што ги објавуваме најдобрите и најпаметни писатели со најширокиот опсег на книги и идеи. И веруваме дека публиката што ќе ги прочита е поголема и погладна за информации отколку во кој било момент во последните 116 години. Секоја недела тука ќе најдете над 40 критики и есеи, од Шекспир до Шопенхауер, од популарен театар до политичка теорија. Според „Ле монд“, ТЛС – нема ривали. Според Ноам Чомски, списанието е „провокативно, стимулирачко, иритирачко, информативно“. За секој што е заинтересиран за животот на умот, ТЛС е незаменливо – пишува уредничкиот тим.


Милениче

Го пои со млеко во прав, а тоа сака прапрамајчино,
го храни со кашички од овошје, а тоа сака од крв и земја,
го капе во корито со природен беби-сапун,
а тоа сака во вода осветена од верски поглавар,
го брише со памучна крпа,
а тоа сака со знамето од ковчегот на архивата,
го завиткува во ќебенце со мечиња,
а тоа сака во јамболлија со народна шара,
го легнува во креветче со балдахин од ѕвезди,
а тоа сака во лулка со кукести крстови,
го успива со приказните на Грим и Андерсен,
а тоа сака локални легенди за победи без порази,
го буди со детска песничка,
а тоа сака со химна повлечена од употреба,
го облекува во шарени алиштенца,
а тоа сака во црна униформа,
го обува во леки чевлички,
а тоа сака во цокули со боцкави нитни,
му подава топче со виножитни зраци,
а тоа сака бејзбол палка со мртовечки глави,
го учи „не лути се, човече“ на клупа во градината,
а тоа сака да плете бодликава гранична жица,
го остава да си игра во песокот со другите деца,
а тоа ги штипе ако имаат друга боја на кожата,
го држи за левата рака на прошетка,
а тоа пред себе ја пружа десната и маршира,
му става капки против поленов прав,
а тоа бара антиалерген против другоста,
му предава нови јазици за да вреди повеќе,
а тоа ја плука со својот што правилно не го ни знае,
го учи на добро, а тоа го љуби злото,
го носи на час по историја, а тоа ја повторува.
Му подарува куче – куц, куц,
му купува маче – мац, мац,
а тоа со тупаница ѝ го вади окото,
ја плука в лице и вреска:
јас сум Нац! Наци, нац!

Лидија Димковска