„Европско од сон“ е насловот на новата спортска химна со која ќе ги бодриме македонските ракометари што ќе настапат на Европското првенство, кое почнува денеска. Домаќини се Унгарија и Словачка, а ние првиот напревар вечерва ќе го играме против екипата на Словенија, кој директно ќе може да се проследи на Македонската телевизија.
Верните следбеници на најдобрите македонски ракометари, предводени до селекторот Кире Лазаров, своите спортски херои ќе ги бодрат со новата спортска химна, чие снимање самите го финансираа, а учествуваа и во нејзиното снимање во студиото „Подрумот“ во Скопје.
Автори на „Европско од сон“ се таткото и синот Неделковски, Филип ја напиша музиката, додека за текстот се погрижи Огнен, а Ангел Ќосев стои зад аранжманот и продукцијата. Гитарите ги отсвири 13-годишниот Алек Николовски, а интересниот спот го режираше Дарио Јанковиќ.
Песната ја отпеаја младите пејачи Дејан Тасев и Александар Здравков, за кои, како што рекоа, била голема чест што се дел до еден ваков голем проект и се надеваат дека химната ќе се слуша за време на многу победи на нашите ракометари.
– Навистина пријатно се изненадив кога од семејството Неделковски добив покана да бидам дел од снимањето на химната и да ја испеам заедно со талентираниот млад пејач Александар Здравков. Иако ова беше прва наша соработка, одлично се согласувавме и уживавме во атмосферата. Се надевам дека и во иднина ќе снимиме уште нешто заедно – вели Дејан Тасев.
Иако веќе осум години активно се занимава со музика, и тоа добро му оди, харизматичниот штипјанец, кој годинава со песната „Каде беше ти“ го освои четвртото место на „Макфест 2021“, и самиот порано активно се занимавал со спорт (борење), а сега го прави тоа само рекреативно поради многубројните ангажмани.
– Јас го сакам спортот, и самиот бев активен спортист, и секогаш навивам за Македонија во кој било спорт да се натпреваруваме. Прекрасно беше што пеевме во студио заедно со навивачите што ги следат македонските ракометари каде и да настапуваат. За мене е голема чест што сум дел од овој проект и што придонесовме со Александар да звучи толку убаво оваа химна. Навивачите реагираат позитивно, и помладите лесно ја учат песната. Ете, син ми Никола веќе ја пее, а има само три години – ни откри Дејан.
За разлика од него, Александар Здравков ни рече дека не е баш страстен навивач, но има огромно почитување кон сите спортисти што ја претставуваат нашата земја во светот и се радува искрено на сите успеси што ги постигнуваат.
– Кога ми кажаа дека јас ќе бидам еден од вокалите за навивачката химна „Европско од сон“, заедно со Дејан Тасев, навистина бев радосен што ќе учествувам во проект што ќе ја претставува и бодри нашата ракометна репрезентација. И со цело срце можам да кажам дека навистина уживав за време на снимањата и на вокалите и на спотот. Колегата Дејан Тасев е одличен соработник. Навистина морам да го пофалам за односот и спрема мене, а и спрема другите учесници во снимањето. Навистина сум горд што ја имав честа да учествувам во овој проект што ја претставува нашата земја. Само напред, Македонија – вели Александар.
Инаку, тој е од Прилеп и е студент на четврта година на факултетот „Еуропа прима“ во Скопје, каде што студира соло-пеење. Во слободно време пишува своја авторска музика и текстови и ги снима најчесто во студиото „Гиновски“. Покрај пеењето, свири на гитара и клавир и има јавни настапи низ Скопје, Прилеп, Битола… Можеби на некој од нив, на пример во Штип, повторно заедно тој и Дејан ќе отпеат некоја песна.