Бенгалскиот тигар Чарли и борнеанскиот орангутан Сандаи, се првите животни кои примија вакцина против коронавирус во Зоолошката градина во Сантјаго, Чиле.
Чарли, Сандаи и уште осум други животни од зоолошката градина „Буин“ во Сантјаго биле избрани за експерименталната кампања за вакцинација, бидејќи спаѓаат меѓу загрозените видови кои се сметаат за високоризични кога станува збор за инфекција со ковид-19.
Коронавируот кој досега уби повеќе од 5,4 милиони луѓе ширум светот, откриен е и во неколку зоолошки градини ширум светот меѓу различни видови животни – мајмуни и големи мачки, но и меѓу елени кои живеат во дивината и меѓу домашните миленици.
Тригодишниот Чарли и Сандаи (26), заедно со уште три лава, два тигри и три пуми, вчера примиле втора доза од експериментална вакцина развиена специјално за животни, која се уште не е достапна за продажба.
– Нашата намера е да ги заштитиме животните кои се најподложни на инфекција со коронавирус и во исто време да тестираме дали вакцините развиваат имунитет, и ако е така, да одредиме колку долго ќе трае тој имунитет“ – рече Себастијан Селис, раководител на ветеринарниот оддел во Зоолошката градина Буин.
Тој додава дека бенгалскиот тигар Чарли, е вид кој има висок ризик на зараза, кога станува збор за инфекција со коронавирус.
Меѓу животните во зоолошките градини кои досега биле заразени со коронавирус се лавови во Сингапур, Загреб и Вашингтон, нилски коњи во Белгија, суматрански тигри во Индонезија и горилите во Атланта, САД.
Речиси 90 отсто од Чилеанците постари од три години до денес се целосно вакцинирани, а 62 отсто примиле дополнителна доза од вакцината.
Чиле е единствената земја од Латинска Америка која почна да ги вакцинира животните во зоолошката градина со вакцина против коронавирус.