Пејачката Лара Иванова заедно со пејачот и композитор Панче Касапски за своите обожаватели подготви видеозапис за новата песна „Само сврти се“, поп-балада со изразен бит, чиј темел се емоциите и уметноста. Зад првиот дует на Лара и Панче стои квалитетен и искусен тим. Музиката и аранжманот се на Панче Касапски, миксот и мастерингот се снимени во студиото на Лазар Цветкоски, а текстот е на Робин Зимбаков. Режисерската палка на видеозаписот му припаѓа на Ѓорги Вацев, а уникатното сценарио за видеото се должи на креативноста на целиот тим.

– Како мој прв дует со македонски артист, моите очекувања се надминати, а снимањето на песната во студиото на Лазар Цветкоски придонесе за тоа. Со помош на музиката и желбата да креираме нешто сосема поинакво и оригинално и со моќните стихови, кои Робин Зимбаков совршено ги вклопи во оваа песна и кои пренесуваат автентична емоција, заеднички успеавме да создадеме оригинално уметничко дело – изјави Лара.

За Панче соработката со Лара била вистинско уживање.
– Секако, истото важи и за легендарниот тим, кој е и повеќе од заслужен за реализирање на овој дует и видеоспот, а за кој ми е искрено драго што сум дел и како композитор. Како пејачи со Лара совршено се дополнуваме во „Само сврти се“ и емоциите, кои ги пренесуваме низ песната, се целосно доловени и евидентни во секој испеан стих – изјави Панче.

Видеоспотот од новата песна на Лара Иванова и на Панче Касапски, „Само сврти се“, премиерно беше прикажан на официјалниот јутјуб-канал на Лара.