Неколку добро финансирани невладини организации и служби при државните органи и институции веќе спроведоа и, веројатно, сѐ уште спроведуваат одредени мерења и анализи за зачестеноста и за начинот на остварување на механизмите за контрола на законодавната врз извршната власт, вклучувајќи и за пратеничките прашања, и нивните согледувања не се пофални ниту за власта ниту за опозицијата. За ефектите, пак, веќе одамна не се потребни истражувања, тие, мошне обесхрабрувачки за граѓаните, се манифестираат на секој чекор
Дали и колку пратеничките прашања се ефективен механизам за контрола на извршната власт е темата што, во зависност од политичката припадност и преференции на соговорниците, може да се развие во повеќе насоки, но дали трошоците направени за одржување на овој механизам во живот, во случајот на Македонија, се целисходни, повеќемина, колку и да не сакаат, веројатно, ќе дадат негативен одговор. И тоа не само поради најновата ситуација во која претседателот на Собранието, Талат Џафери, одби да ја закаже, барем според она што е предвидено во собранискиот деловник, за денеска очекуваната седница за пратенички прашања, туку и по сите досегашни „болни“ искуства на оние што беа убедени дека имаат желудник и нерви да ги следат, во изминатиов период, сѐ поретките парламентарни сеанси амбициозно наречени пратенички прашања.
Неколку добро финансирани невладини организации и служби при државните органи и институции веќе спроведоа и, веројатно, сѐ уште спроведуваат одредени мерења и анализи за зачестеноста и за начинот на остварување на механизмите за контрола на законодавната врз извршната власт, вклучувајќи и за пратеничките прашања, и нивните согледувања не се пофални ниту за власта ниту за опозицијата. За ефектите, пак, веќе одамна не се потребни истражувања, тие, мошне обесхрабрувачки за граѓаните, се манифестираат на секој чекор.
А кога станува збор за најновиот случај со манипулацијата со термините за доделување на мандатот за составување нова влада и со одбивањето на парламентарниот спикер Џафери да ја закаже за денеска очекуваната седница за пратенички прашања, со образложение дека тоа е беспредметно, тука веројатно, веќе, и не е потребен коментар. Со тоа, едноставно, е елиминирана можноста јавноста да дознае зошто членовите на Владата, кои со упорното на моменти и агресивно генерирање на долгогодишната политичка криза безмалку си ги избоксуваа досегашните позиции, сега толку лесно се откажуваат од нив, но и да го слушне нивниот отчет за сработеното. И тоа е она што никако не може и на би смеело да се подведе под, во изминативе години, мошне изразениот тренд на уривањето на положбата и улогата на Собранието во политичкиот систем на Македонија за што еднакво се „заслужни“ и актуелната власт и опозицијата. Станува збор за едно изигрување на системот во стилот на маалските мангупчиња и ситните дилери на стоките забранети за производство и трговија и за недозволивото безобразно игнорирање на очекувањата на јавноста.
Структурата, која во најголем дел ја сочинуваат токму овие што сега заминуваат од Владата, а која во заложништво на сопствените амбиции, пред неколку години, стави толку многу очекувања, е должна да застане пред парламентарната опозиција, каква и да е таа, и пред граѓаните и „да си ја отворат душата“. Вака, излегува дека некои луѓе, со членувањето во Владата и во нејзините безбројни тела и органи, само си ги збогатија професионалните и финансиските портфолија и си заминаа во политичката историја. А времето ќе покаже и каде се уште и дали тоа било поврзано со нивните досегашни функции
Структурата, која во најголем дел ја сочинуваат токму овие што сега ја напуштаат Владата, а која во заложништво на сопствените амбиции, пред неколку години, стави толку многу очекувања, е должна да застане пред парламентарната опозиција, каква и да е таа, и пред граѓаните и да си ги отвори душите, како пред селски поп, кому во поголема или помала мера му се познати гревовите на неговата паства, но сепак, од религиозно-терапевтски причини треба да ги слушне.
Вака, излегува дека некои луѓе, со членувањето во Владата и во нејзините безбројни тела и органи, само си ги збогатија професионалните и финансиските портфолија и си заминаа во политичката историја. А времето ќе покаже и каде се уште и дали тоа било поврзано со нивните досегашни функции.
Точно дека овдешните законодавци, случајно или не, не обезбедиле некаков поиздржлив и поиздржан механизам за порамнување на сметките со ликовите што лесно стапуваат и уште полесно заминуваат од државните и од јавните функции и дека исполнувањето на таа „задача“ зависи од (не)случајниот избор на органите на гонење, но токму тоа е причина повеќе некои луѓе да се потсетат на обврската за јавен отчет. А доколку и овој пат ја одбегнат обврската, тогаш би требало јасно да им се стави до знаење оти барем во некоја скора иднина не би требало да се произнесуваат во јавноста со свои оцени и мислења, зашто самите, и по сопствена волја, си го прокоцкаа кредибилитетот. И тоа е она што, конечно, би требало да се воспостави барем како некакво неформално правило на македонската политичка сцена, кога нејзините институции веќе не се во состојба да го спроведат истото тоа.
И без намера за подбивање со една подзаборавена изјава на еден од членовите на Владата, кои штотуку заминуваат од бродот, дека, ако добро се сеќавам, некои прашања не заслужуваат одговори, и без претензија да се наметне заклучокот оти ниту парламентарната опозиција ниту оние што мислат дека го водат орото во Собранието во изминативе години не покажаа дека се на висината на задачите, и на крајот од оваа година не може, а да не се констатира дека сите прашања од граѓаните од јавен интерес упатени кон носителите на јавната власт – заслужуваат одговор!