Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) заклучила дека за организација на новогодишната прослава на плоштадот во Скопје за 2020 година бил прекршен Законот за јавни набавки, поради основано сомневање дека Младинскиот културен центар не спровел постапка за јавна набавка, туку распишал јавен оглас за организирање на новогодишната прослава.
Новогодишната прослава на скопскиот плоштад на која настапија босанскиот пејач Дино Мерлин и други групи, чинела околу 240 илјади евра, од кои околу 154 илјади евра биле платени од градскиот буџет, наведуваат од Антикорупциска.
ДКСК за овој случај ќе достави иницијатива за кривично гонење пред ОЈО за гонење организиран криминал, како и иницијатива за отворање постапка за одговорност на одговорното лице до институцијата која го именува, односно Градот Скопје. Ваквата одлука произлегла од проверката на тендерите на на институциите за јавна набавка на техничка поддршка, по сопствена иницијатива на Антикорупциска, како што посочи членот на ДКСК Горан Трепеновски на продолжението на 58-та седница.