Со доделување на сертификатите за учество и скромни еко-поклони за исклучителната тимска работа, истражувачкиот дух на учесниците и разработените предлог-идеи, на Факултетот за земјоделски науки и храна-Скопје (ФЗНХ) при Универзитет „Св.Кирил и Методиј“ се финализираше и последната активност во рамки на проектот раководен од страна на Европскиот институт за иновации и технологија, како дел од Европската Комисија, а координиран од Универзитетот во Варшава, и имплементиран во земјава преку вклучување на ФЗНХ.

Проектот Циркуларна економија во Западен Балкан – лаборатории за ангажирање на потрошувачите (EIT Food RIS Consumer Engagement Labs) ги вклучи и поврза директните потрошувачи со научните институции, преку секторот угостителство (доставувачите на храна) и производителите на соодветна амбалажа за пакување.
Носител на оваа проектна активност во нашата држава е тимот од ФЗНХ, во партнерска соработка со компаниите „ДС Смит“ и „ДОМИНОС-Ултра“. Учесниците имаа можност преку својата креативност и идејните решенија да влијаат врз развојот на поодржливо пакување на храната, и во развојот на иновации и трансформирање на прехранбениот сектор и производството на амбалажа за храна.


Предизвиците со доставувањето на храна во соодветна амбалажа уште повеќе дојдоа до израз во периодот на ковид-пандемијата кога заради честите рестрикции во движењето на населението доведоа и до зголемување на бројот на порачки на храна од рестораните и другите доставувачи на храна за носење, и зголемувањето и користењето на пластични материјали – пакувања за оброците, што станува секојденевно се поголем проблем на глобално ниво. Најголемиот дел од овој вид на амбалажа во нашата држава не може да се отстрани селективно (во голем дел од општините само во главниот град на државата не ни постојат контејнери за селективен отпад), тешко се рециклира и самиот процес е доста скап. Проблемот со отпадна пластика на глобално ниво станува се поголем и драстично го зголемува проблемот со просторното загадување и аерозагадувањето во големите градови. Исто така, за решавање на проблемот со отпадна пластика, Европската Унија драстично го зголеми вложувањето во ресурси за пронаоѓање на нови еколошки решенија во сите сфери на економијата, што користат пластика во својата дејност. За учесници во проектната активност беа селектирани апликанти од различни возрасни групи (од 18 до 80 години), и истите беа водени од тимот вклучен во проектната активност – професори од ФЗНХ.
Компанијата ДОМИНОС-Ултра Скопје за потрошувачите на храна вклучени во проектот достави комплетни оброци со традиционална храна во амбалажа која во моментот се користи од најголемиот број на ресторани и друг вид на доставувачи на храна кај нас. Тука настапија потрошувачите, кои на почетокот од првата спроведена работилница беа запознаени со видовите на амбалажен отпад, количеството на отпад и можностите за справување со истиот преку презентација на тема: „Одржливо пакување и амбалажен отпад“, започнаа мошне темелно да ги анализираат можните решенија за амбалажа (преку избор на материјал) која ќе го намали штетното влијание врз животната средина, а истовремено ќе биде и соодветна за одржување на квалитетот на храната, па се до усовршување на дизајнот на пакувањето (водејќи сметка за сите атрибути кои се неопходни за правилно означување на амбалажата), за на крајот да понудат исклучително иновативни и прифатливи решенија. Резултатитите – идејните решенија добиени за време на работилниците со потрошувачите, беа ставени на оценка од страна на дизајнерите на компанијата „ДС Смит“.
Во текот на трите последователни сесии, секоја од групите даде свои предлози и идеи за измени на постоечкиот или за сосема нов начин на пакување храна во материјали што не се штетни или се помалку штетни отколку пластиката. Од понудените три идејни решенија за изработка на нова амбалажа, конзорциумот составен од компаниите, направи избор на две, од кои направи дополнителна селекција согласно пропозициите дадени во проектот за избор на најиновативното, еколошки одржливо и технички изводливо решение од страна на компанијата, а истовремено прифатливо и од страна на доставувачот на храна. Прототип – кутијата, треба да биде новитет на пазарот на картонска амбалажа – пакување кое ќе го освои пазарот и задоволи барањата и потребите на сите засегнати учесници во ланецот: потрошувачите на храна (конзуматори), доставувачите на храна (ресторани, киосци за храна, пицерии, сендвичари и др.), и компаниите за производство на амбалажа. Новата амбалажа е лесна за носење, рециклирање, и повторна употреба (може да има и друга намена), што е од особена важност за производителот на амбалажа заради можноста за користење на моделот од различни категории на потрошувачи.