„Локомотива“, центарот за нови иницијативи во уметноста и културата во 2021 година, во рамките на програмата „Други простори“/Уметност Клима Промена“ организираше неколку настани поврзани со теми околу културата и екологијата, и тоа: конференцијата „Културата во време на криза“ и предавањето на Јована Тимотијевиќ, „Политики на заедничкото“, како и истражувањето и развојот на делото „Урбани градини: сврзувачки ткива“ на уметницата Ана Лазаревска.
Целта на оваа програма е да се отворат простори каде што ќе се зачнат прашања и ќе се мапираат улогата и одговорноста на културата и уметноста во нашето општество.
Во овој развоен/процесен проект, Ана Лазаревска прикажа дел од своето истражување, кое е основано на внимателно и неизбрзано набљудување на природата и општеството, нивните функции, релации и начини на функционирање како систем.
– Со својот пристап на набљудување и земање време да се промислат работите, таа се спротиставува на секоја избрзаност, резултат по секоја цена, ефективност и сѐ друго, како пристапи на кои нѐ тера капитализмот, поради центрираноста околу потрошувачката, брзината, брзото што го придвижува пазарот на консуменција. Таа со својот начин на работа се спротиставува на двигателот на антропоцената и внимателно ја гради сликата за системот на урбани градини што ги промислува како градски – сврзувачки ткива – простори што може да се развијат и поврзуваат во екосистем на градот, функционална единица што ги поврзува, создава чувство на поврзаност, сопственост и одговорност за средината што ни припаѓа, за јавниот простор – информираат организаторите.
Ана на еден грижлив начин ни посочува кои се тие ткива во градот и гради визуелен пејзаж – инсталација – каде што мапира девастирани, разрушени простори и укажува како тие да се развијат и врамат во заеднички простори – урбани градини, каде што ќе згрижуваме, ќе ја градиме грижата кон другиот, кон другите битија и природата, јавниот простор, заедницата.
– Таа укажува дека можеме заедно да ги заздравиме ткивата што сме ги уништиле со невнимание и да произведеме урбани градини како простори – сврзувачки ткива на градот каде што се случуваат поврзување, интеракција, размена и хармонизирање на индивидуалните клетки во градењето заедници – пишуваат организаторите.
Својот сензорен указ го гради со уметничка интервенција во простор преку интерактивна инсталација развиена преку мапа, фотографии, кју-ар кодови и гифови.