Иранскиот претседател Хасан Рохани ги обвини САД дека со својот однос на „насилник“ и со поддршката на земјите од Персискиот Залив го овозможиле саботниот напад врз воена парада на Револуционерната гарда во јужниот град Ахваз, во кој беа убиени 29 лица, меѓу кои и деца. Барајќи одговори за нападот на парадата, Министерството за надворешни работи на Иран ги повика на разговор дипломатските претставници на Холандија, Данска и на Британија, јави Би-би-си.
Во меѓувреме, одговорност презедоа т.н. национален отпор за Ахваз, група што тврди дека се бори за правата на арапското малцинство во иранската провинција Хузестан, како и Исламска држава, иако не понудија докази за вмешаност.
Од друга страна, иранскиот претседател Рохани нагласи дека точно знае кој стои зад нападот и порача дека организаторите нема да поминат неказнето.
– Апсолутно ни е јасно кој го изврши злосторството и со кого се поврзани. Марионетските држави во регионот се поддржани од Америка и САД ги провоцираат и им ги даваат неопходните капацитети – обвини Рохани, додавајќи дека Иран ќе ги каже своите позиции за глобалната ситуација неделава пред Генералното собрание на ОН во Њујорк.
Домаќинот и американски претседател Доналд Трамп го разгневи Техеран годинава со одлуката еднострано да ги повлече САД од договорот за иранската нуклеарна програма од 2015 година. Во меѓувреме, Вашингтон ги обнови санкциите против Техеран и ги поддржа иранските антивладини демонстранти. Трамп в среда ќе го предводи состанокот на Советот за безбедност на ОН и нагласи дека една од главните теми ќе биде Иран. Инаку, Техеран не прецизираше точно за кои „марионетски држави“ од регионот станува збор, иако повеќето аналитичари посочуваат дека Иран има најголемо ривалство со Израел и со Саудиска Арабија, кои се блиски сојузници на САД.