фото: ВМРО-ДПМНЕ

Денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оствари средба со шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која.

На средбата било разговарано за повеќе теми меѓу кои и загрижувачката економска состојба во која се наоѓа земјава, информираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во соопштението е наведено дека економските пакети кои Владата ги донесе во изминатиов период, според опозициската партија се неразвојни и недоволни за да одговорат на потребите на граѓаните и стопанството во целост.

– Со носењето на новиот буџет во македонското Собрание, кој и ако најголем до сега, власта не само што не понуди економски план за надминување на состојбата, туку непродуктивното трошење продолжува, а инвестициите изостануваат. Македонија има најслаба економија во овој дел од Европа, а граѓаните поради лошите економски политики се сè посиромашни – кажал Мицкоски.

Во однос на политичката состојба во земјава, Мицкоски ја изразил загриженоста што и по два месеца од локалните избори и најавената оставка на Зоран Заев, ресорните министерства и институциите се во целосен хаос и нефункционалност поради политичките апетити и безидејноста на владеачкото мнозинство. Македонија, рекол Мицкоски, за жал, нема стабилни и функционални институции кои ќе ги решаваат проблемите на граѓаните, туку институциите се заложници на корупцијата со која власта потфрли да се справи.