Македонската репрезентација некомплетна вчера замина за Маврово, каде што ќе го одработи првиот дел од подготовките, вториот ќе биде во Скопје. На ЕП 2022 македонската репрезентација е во групата А и ќе игра со Словенија, Црна Гора и со светскиот првак Данска
РАКОМЕТАРИТЕ ГО ОДРЖАА ПРВИОТ СОБИР ВО ПРЕСРЕТ НА ЕП 2022
Најпозитивна работа е што оваа селекција, почнувајќи од 2012 година, има континуитет на големи натпреварувања. Ние сме селекција со најголем број настапи на големи турнири и се надевам дека така ќе продолжиме. Процесот на подмладување е веќе почнат, полека но сигурно една генерација заминува и доаѓа друга, но секогаш се добредојдени искусни ракометари, како што се Миркуловски, Стоилов, Митревски, Марковски…, изјави селекторот и капитен на македонската репрезентација Кирил Лазаров, на вчерашниот прв собир на репрезентацијата во пресрет на подготовките за настап на претстојното Европско првенство (ЕП), во јануари во Унгарија и во Словачка.
Македонија седми пат ќе игра на континенталните првенства, има и седум настапи на светските првенства (СП), а вкупно 11-ти пат во низа секоја година од 2012-та македонската селекција настапува на големите натпреварувања (ЕП и СП).
Македонската репрезентација некомплетна уште вчера замина за Маврово, каде што ќе го одработи првиот дел од подготовките, а вториот ќе биде во Скопје. Предвидени се и по две средби со Кувајт и со Израел.
– Сакам да ги видам сите играчи со кои располагаме. Секој тренинг и натпревар ни се важни. Помладите тука „купуваат“ минути и ни покажуваат квалитет, а потоа ќе одлучиме дали ќе им дадеме повеќе минутажа на големата сцена. Ќе работиме на физичката подготвеност, оти мора да бидеме на високо ниво против големите репрезентации од почетокот до крајот. Веруваме во убави работи, но од друга страна стоиме цврсто на земја, оти нѐ очекува тешка група. Тука се Словенија, Данска, која има освоено речиси сѐ и ќе биде екстра-мотивирана откако ја победивме во Скопје. Црна Гора е репрезентација за почит, со селектор како Рогановиќ, поранешен десен бек, тренер кому му веруваат. Тие играат со срце и со желба, затоа и треба да бидеме претпазливи. Ништо не може да нѐ изненади и треба да работиме квалитетно – вели Лазаров.
Поради клупски обврски на првиот собир беа отсутни голманот Никола Митревски, бековите Филип Миркуловски и Филип Кузмановски и пикерот Жарко Пешевски. На ЕП 2022 македонската репрезентација во групата А прво ќе игра со Словенија, на 13 јануари, два дена подоцна со Црна Гора, а на 17 јануари со светскиот првак Данска. Првите две репрезентации од секоја од шесте групи ќе се пласираат во втората групна фаза.