Премиерот, Зоран Заев, денеска во парламентот треба да поднесе оставка од функцијата, веднаш по завршувањето на традиционалното годишно обраќање пред пратениците на претседателот Стево Пендаровски.
По поразот на локалните избори, Заев најави дека ќе се повлече од сите функции, а веќе даде оставка од лидерската позиција во СДСМ, каде го замени Димитар Ковачевски, кој треба да биде и мандатар за новата влада.
Поседната работна посета на Заев како премиер беше вчера во Тирана, на самитот на иницијативата „Отворен Балкан“.
Таму посочи дека кога ЕУ потфрла, обврска на регионот е самиот да се европеизира.
– Кога ЕУ потфрла, ние имаме обврска постојано и постојано да преземаме иницијативи што го европеизираат регионот и кои носат подобар, европски живот за нашите народи. Се разбира, сите три земји остануваат посветени на своите одделни агенди и обврски за пристапување во членство во Европската Унија – истакна Заев на вчерашната прес-конференција.
Претседателот на државата, Стево Пендаровски, денеска точно напладне ќе се обрати пред пратениците во Собранието.
Пендаровски, како што веќе е најавено, ќе го одржи своето традиционално годишно обраќање пред пратениците во рамките на 56 собраниска седница.
Претседателот, како што е вообичаено, ќе говори за актуелните случувања изминатиот период и за очекувањата во текот на следната година.
Според најавите, се очекува годишното обраќање на Пендаровски да го проследат претставници на Владата, разни институции и меѓународната заедница.
Инаку, оваа седница завршува со обраќањето на шефот на државата и не е дозволена расправа, па политичките партии своите коментари за говорот ги даваат по седницата во прес-центарот на Собранието.