Победите на Загреб, над германскиот првак Фленсбург (31-29) и на Мешков Брест над актуелниот европски првак Монпелје (26-23) се најпријатните изненадувања во 2-то коло од Лигата на шампионите (ЛШ) во ракомет.
Четата на Лино Червар предводена од крилата Давид Мандиќ (осум гола) и Златко Хорват (седум) беше нерешлива енигма за германски првак, кој во своите редови има дури 15 интернационалци. Европскиот првак Монпелје, пак, ја доби втората „шлаканица“ сезонава, овој пат во Белорусија. Патрис Канаје го има истиот победнички состав од лани, но во овие два меча му недостигаат борбеноста, тимската игра и желбата за победа, кои ги красеа лани.
Од другите, по поразот во 1-то коло, шпанскиот гигант Барселона се разбуди и со доминантна игра славеше над Веспрем со 31-28. На прва победа се израдува и полскиот првак Киелце, кој славеше во дуелот со Левен (35-32).
По две кола максимален ефект бележат словачкиот првак Татран и португалскиот Спортинг. За победата на Спортинг најзаслужен беше Карлос Руесга, кој по истекот на времето шутираше преку живиот ѕид и го постигна победничкиот гол. Финскиот првак, дебитантот Кокс и во 2-то коло одигра нерешено, овој пат со Вакер Тун (26-26).