Дијалогот меѓу Русија и западните земји за безбедносните гаранции е многу потребен, бидејќи односите достигнаа критична линија, соопшти Министерството за надворешни работи на Русија, пренесуваат руските агенции.
Руската страна, пишува во нивните извештаи, потсетува дека за време на разговорите со рускиот лидер Владимир Путин, претседателот на САД, Џо Бајден, изразил подготвеност за воспоставување сериозен дијалог за прашања поврзани со обезбедувањето на безбедноста на Русија.
„Таков дијалог е многу неопходен во овој момент кога односите меѓу Русија и колективниот Запад продолжуваат да се деградираат и кога тие достигнаа критична точка“, се вели во соопштението на руското МНР.
Според тамошните медиуми Москва бара Соединетите Американски Држави и НАТО законски да воспостават договор за да не се распоредуваат ударни системи во соседните земји, вклучувајќи ги и земјите кои не се членки на Алијансата.
Било прецизирано дека Русија ќе претстави сеопфатен предлог за правни безбедносни гаранции во подготовка за следната рунда од руско-американскиот дијалог за стратешка стабилност.
Москва чека и конкретна реакција од НАТО за претходно презентираните предлози од руската страна за намалување на тензиите во Европа, како и за предлогот за продолжување на редовниот дијалог меѓу армијата на линијата Русија-САД и Русија-НАТО.
Агенциите потсетуваат дека рускиот претседател Владимир Путин на 1 декември предложил да се започнат преговори за постигнување правни гаранции за непроширување на НАТО на исток. Путин нагласил дека најважната задача на руската дипломатија е да добие сигурни и долгорочни безбедносни гаранции.