фото: Официјален сајт на „Нобелова награда“

Двајцата новинари, кои ја делеа годинешната Нобелова награда за мир, ги добија своите признанија денеска на церемонија во Норвешка, каде што изјавија дека на светот му е потребно независно известување за да се спротивстави на моќта на авторитарните влади.
Марија Реса од Филипини и нејзиниот колега Дмитриј Муратов од Русија ги одржаа своите нобелови предавања во Градското собрание во Осло. Норвешкиот Нобелов комитет им ја додели Нобеловата награда за мир за 2021 година за нивната борба за слобода на изразување во земјите каде што новинарите се соочуваат со постојани напади, малтретирање и убиства.
– Да, ‘ржиме и гриземе. Да, имаме остри заби и силен стисок. Но, ние сме предуслов за напредок. Ние сме противотров против тиранијата – изјави Муратов, говорејќи за новинарите.
Реса, прво лице од Филипините кое ја добило Нобеловата награда за мир, ја опиша новинарската индустрија како мрачна, велејќи дека ерата на натпреварување за вести е мртва.
– Треба да му помогнеме на независното новинарство да опстане, прво со давање поголема заштита на новинарите и спротивставување на државите кои ги напаѓаат новинарите – рече таа.
Покрај медалот со ликот на основачот на наградата Алфред Нобел и диплома, врачени се и 10 милиони круни (1,1 милион долари), кои добитниците на Нобеловата награда за мир ќе ги поделат меѓу себе.