Делегација од Општина Битола, предводена од градоначалникот Тони Коњановски, го посети збратимениот град Епинал во Франција, каде што присуствуваше на официјалниот настан по повод Свети Никола, денот на заштитникот на градот. Целта на посетата е и зајакнување на воспоставената соработка и отворање нови можности за заеднички напредок.
Коњановски, во своето обраќање пред присутните ја нагласи петдецениската поврзаност на Битола и Епинал, потенцирајќи дека во идниот период таа треба постојано да се развива и надградува.
-Нашите два града ги врзува повеќе од пет децении пријателство кое со сите свои подеми и падови, и покрај илјадниците километри што не разделуваат, сепак трае и се одржува низ времето. Во Битола, град со франкофонска и франкофилска традиција, посебно сме горди што може да се пофалиме со најдолгото збратимување во нашата земја. Од неговите почетоци, тоа се 53 години средби, посети, соработки во најразлични домени, проекти, тоа се бројни генерации кои од едната и другата страна престојувале во Епинал, во Битола, заеднички размислувале, се договарале, планирале, се дружеле… И токму во тоа е суштината на средбите од овој вид – тие се уште една можност да разговараме за перспективите во соработката, за идни проекти. Да продолжиме да работиме, да делуваме, да соработуваме, да бидеме солидарни, да се развиваме, менуваме и обновуваме, за да станеме подобри, индивидуално, колективно – рече Коњановски.
М.М.