Црна Гора
Раководството на Комбинатот за алуминиум (КАП) им најави на своите работници да се подготват за постепено затворање на оддели во електролиза, односно целосен прекин на производството на алуминиум од 15 декември поради високите цени на струјата, кои ќе стапат од 1 јануари, кога им истекува постојниот договор за снабдување со Електростопанство, објавија „Вијести“. Според медиумот, КАП струјата сега ја плаќа по цена од 45 евра за мегават, плус ДДВ, додека последниве месеци цената на меѓународните берзи достигна цена од 250 евра за мегават поради гасно-енергетската криза на целиот европски континент. Во таа насока Електростопанството на Црна Гора (ЕПЦГ) не е подготвено да трпи загуби, бидејќи самото набавува дел од увезената струја, поради што на КАП му дало понуда за следната година од 183 евра за мегават, што е прескапо за комбинатот за производство на алуминиум, јави РТЦГ. „Унипром“, кој стана сопственик на КАП во август по стечајот, потврди за „Вијести“ дека нема да може да работи со новите цени на струјата и дека во тие услови ќе ја затвори компанијата, а 500 луѓе ќе останат без работа.