ПО ДВА ДЕНА НА БАЛКАНИЈАДАТА ЗА КАДЕТИ И ЗА ЈУНИОРИ

По два дена на 21-то Балканско првенство (БП) за кадети, јуниори и за постари јуниори, до 21 година, кое се одржува во Риека (Хрватска), македонските претставници во борби и во кати освоија вкупно 10 медали.
Во конкуренција на 777 натпреварувачи од 13 држави, со златен медал се закитија јуниорките во борби Ива Пецевска (категорија до 48 кг) и Ера Коџа (59 кг). Сребро освоија јуниорите Симон Петрески (до 76 кг) и Андреј Ангеловски (до 76 кг), кадетот Рушити Реџеп (до 63 кг) и постариот јуниор Стефан Стојановиќ (над 84 кг). Со бронзени медали на татамите, пак, може да се пофалат кадетот Андреј Басаров (над 70 кг), јуниорот Матеј Белистојаноски (до 55 кг) и постарата јуниорка Марија Петровска (до 50 кг), сите во борби.
Во кати, бронза освои каратистот на Металург Александар Неделковски, кој на неодамнешното сениорско Светско првенство (СП) во Дубаи го освои одличното седмо место. Неделковски во категоријата постари јуниори во дуелот за бронзениот медал беше подобар од Словенецот Нејц Стерниша. Притоа Неделковски доби оценка 25,06, а противникот 24,88 поени. Натпреварите продолжија вчера, со третиот и последен натпреварувачки ден.