Мерките на Комисијата за заразни болести ќе ги предложиме до Владата. Сега ќе видиме што е тоа на што ќе ни укажат синдикатите, изјави вечерва министерот за здравство Венко Филипче пред почетокот на состанокот со претставници на Сојузот на синдикатите на Македонија и на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.
Согласно мерките, сите вработени во јавниот сектор, локалната самоуправа, сите институции за одење на работно место треба да прикажат потврда за најмалку една примена вакцина или да имаат ПЦР негативен тест кој ќе важи најмалку 72 часа, а ќе биде направен на сопствен трошок, тие кои го прележале вирусот ќе треба да приложат потврда за прележан Ковид-19, не постар од 45 дена, а доколку не можат да примат вакцина, ќе треба да имаат потврда од лекар специјалист. Покрај тоа, се предлага вакцинацијата да биде задолжителна за сите здравствени работници
– Искрено верувам дека претставниците на синдикатите ќе сфатат колку е битно оваа мерка да се усвои посебно после денешните резултати од секвенционирањето на вирусот. Четириесет и осум пациенти се испитаа од дијагностицираните во изминатите две три недели и кај ниту еден не е дијагностициран делта плус сојот на вирусот, кој прави голем број случаи и хоспитализации во сите околни земји. Што значи дека не може да го запреме тој сој на вирусот за влезе во земјата. Соочени сме со огромен ризик во периодот што следи да имаме нов силен бран и тоа сериозно да ги загрози капацитетите во нашите болници – рече Филипче.