Зошто ДУИ е најистурената антизападна испостава во Македонија? Уште во предвечерието на вториот круг на изборите, испаничени од фактот што ги изгубија или ги губат клучните урбани центри во Македонија, Зоран Заев и Али Ахмети го покажаа најгрдото лице на актуелната власт. СДСМ заслужува посебен осврт, но овој пат во лудоста предничеше свежо ребрендираната „зелена“ ДУИ, која покажа на јавната сцена еден таков етношовинизам што никогаш порано не бил виден во Македонија. Директно од устата на Али Ахмети разбравме дека „Македонец не смее да биде градоначалник на Кичево“, а Артан Груби, потпретседател на Владата, отиде и чекор понатаму, па нè подучи дека „Кичево било воен плен од 2001 година“. На митингот во гостиварско Форино, пак, Али Ахмети толку се подзанесе што очекувавме во секој момент да прогласи почеток на нова војна помеѓу Македонците и Албанците. Да биде апсурдот поголем, овој пламен етнонационалистички говор, исполнет со омраза кон Македонците, беше одржан за да се оневозможи победата на Арбен Таравари во Гостивар, докажан интелектуалец, универзитетски професор и горд Албанец.
По завршувањето на изборите и во периодот пред киднапирањето на Кастриот Реџепи, тие отидоа и чекор понатаму, па преку Шкодране Дардишта разбравме дека ДУИ ги чува „чизмите од таванот“ во „Република Илирида“.
Кога ќе падне шминката, секогаш кај Али Ахмети и кај неговото ДУИ останува најсоголениот етношовинизам, најгрдото лице на Балканот. Тие немаат мрднато од фамозните први пет коминикеа на некогашната Ослободителна национална армија (ОНА) кога повикуваа на обединување на сите албански територии и борба против „славомакедонците“.
Не само тоа, туку цели дваесет години по потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, Али Ахмети и ДУИ останаа доследни кон федералистичкото толкување на договорот, создавање посебни федерални институции и продлабочување на јазот помеѓу Македонците и Албанците во Република Македонија. Не случајно во македонската влада постои само една институција каде што не се почитува принципот на „правична и рамноправна застапеност“, а тоа е Министерството за политички систем, тврда моноетничка и монопартиска творба, сега сместена и во посебен објект, првата ентитетска институција на идната замислена федерација од ДУИ.
Пред само неколку седмици, кога увиде дека ги пречекорил сите очекувани и сите претпоставени линии на пристојност, Али Ахмети дури нѐ искара за речникот, па рече дека „да сакал, можел да ја подели Македонија во 2001 година, но тој тогаш не го сторил тоа“. Тешко е да се опише неговото лицемерство. Политичарот од Зајас, кој зборува многу подобар и поѕвонлив македонски од повеќето политичари Македонци, зборува против поделбата и сегрегацијата во македонското општество.
Токму кај прашањето на службениот јазик во Македонија, кај ДУИ излегува етношовинизмот. Покрај службениот македонски јазик, никој нема никакви проблеми да бидат во службена употреба и јазиците на сите уставни, па и на сите неуставни заедници. Но Али Ахмети и ДУИ имаат проблем со мултилингвизмот. Тие се најголеми противници на официјализацијата на турскиот, ромскиот, српскиот, влашкиот и бошњачкиот јазик во Македонија. Се противат и на јазичните права за Хрватите, Словенците, Црногорците, Русите, Ерменците, Унгарците, Чесите, Словаците, дури кон признавањето на ладино, јазикот на сефардските Евреи и неговата официјализација во Македонија. Инсистираат исклучиво на ексклузивноста на албанскиот јазик, на сметка на сите други помали заедници и на нивните јазици во Македонија. Има ли подобро мерило за етношовинизмот од односот кон помалите заедници?
Но не е само етношовинизмот проблем со Али Ахмети и со ДУИ. Дури тоа е и најмал проблем, затоа што граѓаните на Македонија отсекогаш знаеле како да се пресметаат со евтините трикови и плитките тези на шовинистите, од опасните стратези како Али Ахмети, па до ситните провокатори како Артан Груби.
Најголем проблем со Али Ахмети и со ДУИ е тоа што тие се антитеза на поимите за владеење на правото, правна држава и борба против корупцијата. „Јас го признавам само судот на мојата партија“ е принципот на функционирање на ДУИ. Сведочевме како при казна за наједноставен прекршок, погрешно паркирање, се крева рака на полицајка и се брише пријавата за насилникот само затоа што бил член на ДУИ. Но видовме и како се забошотуваат убиства и престрелки, како во епизодата со пукањето во штабот на ДУИ во Мала Речица. Принципот на владеење на правото е спротивен од волунтаристичкото владеење на етничкиот лидер. Правната држава значи дека сите граѓани се еднакви пред законот и дека не е можно припадниците на една политичка партија, ДУИ, да бидат поеднакви од другите. Дали е потребен доказ? Доколку не е доволно понижувањето на полицајката што се извинуваше затоа што била претепана, уште посурова слика ни нудат случаите за корупција на високо политичко ниво во Македонија. Единствено политичарите на ДУИ се заштитените надлуѓе во македонската политика, а другите се само дел од обичниот плебс.
За корупцијата, пак, нема ни потреба од посебно образложување… Дали постои друг кабинет на политички лидер во Македонија каде што на истакнато место се наоѓа машина за броење пари или ова е нова ексклузивна иновација на Али Ахмети?
Потоа, има ли подобра и поефикасна агенција за вработување во Македонија од ДУИ. Принципот на „правично и рамноправно претставување“ од Охридскиот рамковен договор требаше да овозможи составот на населението да се преслика во националните институции. Правилната примена на овој принцип ќе овозможеше најдобрите и најбистрите Албанци од Македонија да завршат во националните институции, да се промовира меритократијата и да се спречи најкреативниот дел од албанската младина во Македонија да си ја бара иднината во земјите од Западна и од Северна Европа, веднаш по завршувањето на средното образование.
Наместо тоа, добивме тешка етнократија на етнархот Али Ахмети и невидено забрзување на отселувањето на младите Албанки и Албанци од Македонија. Деновиве имав шанса да разговарам со еден мој пријател, кој е сега редовен професор на еден од најпрестижните универзитети од Латинска Америка и некогашен првенец на УКИМ, помеѓу првите од албанската заедница. Тој ми кажа дека Али Ахмети и ДУИ одлучуваат и за вработувањата на наставниот и научниот кадар на универзитетите на албански јазик и на институтите низ Македонија, па таму царуваат кронизмот, непотизмот и медиокритетштината. Има ли поголема срамота од тоа кога идните генерации ги образоваат и воспитуваат предавачи избрани по партиски клуч, зависни од етнархот и без никаков труд што би ги забележал во ранговите на глобалната наука.
Се разбира, последно нешто, но никако и најмалку битно, е типичното балканско чаталење, злоупотреба на државните ресурси и исмевање на пристојното граѓанство, кое верува во принципите на демократија, еднаквост, владеење на правото, мултикултурализам и меритократија, односно во тоа што се нарекува европски вредности или западни вредности.
Ете, токму затоа ДУИ, особено нивниот лидер Али Ахмети, се најистурената антизападна испостава во Република Македонија и најголем сојузник на сите антиевропски и антиамерикански струи во земјата. Целото нивно политичко дејствување е антитеза на сето она што се нарекува пристојност во политиката и на сите вредносни тежненија на граѓаните на Македонија.
Затоа, би им порачал на ДУИ и на Али Ахмети да престанат да се колнат во ЕУ, НАТО и во САД. Колку тие се погласни во своите заколнувања кон овие држави и институции, толку повеќе во Македонија паѓа ентузијазмот за ЕУ и за НАТО. Колку, пак, дипломатите на ЕУ, НАТО и САД се тивки за сето дивеење на Али Ахмети и за ДУИ, а притоа низ микроскоп бараат грешки и фалинки за преостанатите политичари, интелектуалци и воопшто општественици во Македонија, толку просечниот македонски граѓанин се разочарува во западните институции, кои воопшто не се доследни кон своите прокламирани цели и кон сето она што го подразбира терминот западни вредности.
Така што антизападните сили во глобалната политика не мора ни да се трудат да воспоставуваат свои мрежи и структури во Македонија. Али Ахмети и ДУИ одлично ја вршат нивната работа!