Ајде да ги наречеме нештата со вистинското име! На англиски би се употребила изреката to call a spade a spade, која наводно ја вовел Еразмо Ротердамски (да, тоа е филозофот што ја напиша „Пофалбата на глупоста“), а потоа ја употребувале и Чарлс Дикенс и Сомерсет Мом и многу други (сè додека и оваа фраза стана политички/расно некоректна, па почна да се избегнува). Но историчарите велат дека оригиналот треба да се бара во старогрчкиот јазик (Плутрах), каде што наместо „лопата“ се употребуваат зборовите смокви и корита (во вулгарна смисла). И ќе ви звучи неверојатно да чуете дека изреката се однесува на Античките Македонци (кои биле опишани како некултурни, рустикални, луѓе без префинетост и дух, кои нештата ги нарекувале со вистинското име), односно на Филип Македонски. Сеедно! Тоа е само забавен детаљ, особено ако верувате дека денешните Македонци имаат некаква (историска, генетска или каква и да е) врска со Филип…
Македонците денес (и тука не мислам само на политичката класа туку на сите) како повеќе да ја разбрале мислата на Оскар Вајлд, според кого основата на секое цивилизирано (културно) општество се лагите и хипокризијата. Оттука, се лажеме себеси, се лажеме меѓу себе и ги лажеме другите – што е одраз или на когнитивната дисонанца или на некакво индоктринирање, дисциплинирање на умот и јазикот.
Но доаѓа момент кога веќе ниту метафорите, високоучените фрази и еуфемизми не помагаат пред она што ни се случува пред очите, а пред кое стоиме божем слепи и глуви. Триесет години по (божем) славниот почеток на транзицијата се наоѓаме среде пустош и руини – главно соочени со прскот на илузиите дека демократијата се гради постепено, дека либералниот предок ќе фати корен покрај националниот пиреј (па на крајот излезе дека во име на либерализмот, оној економскиот и придружен со хуманитарниот милитаризам, пирејот на М беше искорнат и се докрајчува со пестициди и политичко нуклеарно оружје за да се истреби сосема). Ах, и да – дека ќе влеземе во НАТО и ЕУ како ултимативна цел на нашата колективна егзистенција!
Дали забележавте како во текот на сите медиумски дебати изминатата седмица се зборуваше како мораме да влеземе во НАТО (и ЕУ, се разбира, тие одат како сијамски близнаци во овдешниот говор, иако не се тоа)? Едноставно, креаторите на јавното мислење или заборавиле дека година и половина сме членка на НАТО, или несвесно признаваат дека тој факт не вреди ни пет пари пред непроменливата стварност, или се толку чипирани што го исклучуваат мозокот додека зборуваат пред камерите!? Сеедно! Поентата е дека се зборува за да се зборува, за да не се каже ништо, а да се создаде врева и така да се засени тажната вистина за колективниот пораз.
Една позната изрека вели дека историјата се повторува првпат како трагедија, а вторпат како фарса. Крајно време е дека нам историскиот триумф на либералната (парламентарната) демократија ни се случи само како фарса. Одново и одново, од првите повеќепартиски избори до денес… Можеби затоа онаа патетична сцена на затворање на седницата за гласање недоверба на Владата, која, всушност, воопшто и не започна поради немање кворум, личеше на посмртно опело, на трагичен крај на еден обид да се живее политички низ демократски избрани институции. Мнозина беа фокусирани на изгубениот поглед на премиерот, кој божем преживеа изгласување недоверба и кој дури и доби честитки и желби за успешна работа од спикерот на парламентот.
Единственото среќно лице на тој полноќен пир беше она на вистинскиот премиер, погрешно наречен прв вицепремиер на Владата. Конечниот наод од аутопсијата на починатиот укажува на хронични дефекти на наводната демократија, вградени срцеви мани, и транзиција од заробена до киднапирана држава. Драматичниот заплет со божем киднапираниот (или заплашениот) народен пратеник беше само илустрација на парадоксот со кој живееме со години. Ниту нешто ново, ниту нешто фатално. Всушност, на крајот не знаеш дали да плачеш или да се смееш… Парламентарното мнозинство формирано од нога, со кршење процедура, гласање со две раце (без кворум) и снимање на мобилни телефони (и, се разбира, со исчезнат записник) сега ги живее своите последни пет минути, на ист начин на кој и што се инсталира. Но и тоа е само дел на последниот чин, не е ни причината, ни длабоката заднина на болеста.
Заробената (или киднапираната) држава, во која сите ние сме заложници (а некои велат и дека страдаме од стокхолмски синдром, т.е. сме вљубени и зависни од оној што нè држи во заточеништво), е во рацете на грст луѓе и фамилии, чие име не смее да се изговори – како она на страшниот Волдеморт во серијалот за Хари Потер! Така и ние шепотиме само во тесни кругови: „знаеш кој“, „оној/оние, нели?“. Киднапираната држава не е случајност, таа има институционален/уставен дизајн и „дух“, кои се подигнати на ниво на светост, на нешто што не смее ни во лудило да се критикува или промени. Персоналниот израз на тој систем е сосема соодветен – лика и прилика, би рекол народот!
Затоа, дури и персоналната смена на актерите секогаш и секогаш е однапред детерминирана со системските решенија, кои бараат и кои не можат да оживеат без такви извршители. Целиот паничен наратив што деновиве се вртеше за спас на „евроатлантска“, „охридска (наспроти дејтонска)“ и „прогресивна“ Македонија има само една функција: оневозможување на каква било промена на општественото и (гео)политичкото статус кво. Успешноста на таа методологија се гледа во дефанзивната реторика на опозицискиот кампус, кој очајнички се бори да докаже дека сите обвинувања за неговата наводна нелојалност (или етнички предрасуди) се лага и подметнувања. И тука некаде се затвора кругот! На заточеништво на мислата, креативноста, визијата, развојот… Секој збор или и самата помисла на излегување од кафезот е осуден на пропаст, бидејќи тој што бара слобода е антидржавен елемент во држава што почива на заточеништво. И на лаги, поткуп, морална и политичка корупција, хипокризија, насилство спакувано во кадифени ракавици…
„Колку си мудар, драги мој! Ти никогаш не го мислиш она што го кажуваш!“ (Оскар Вајлд). Да, толку се мудри, ама вистински мудри, и нашите политичари. А основата за нивната мудрост и моќ лежи во тоа што граѓаните им веруваат и простуваат, и тогаш кога стопати ќе ги излажат, гледајќи ги во очи, колнејќи се во деца и предци, со рака на срце и со дадена беса. Да се навратам само на онаа оставка што не беше оставка (тази оставка не е оставка) и за која пишував минатата недела: едно време мислев дека ако го доживеам тој ден, ќе почувствувам барем олеснување, ако не и среќа. Но од тој миг, па до денес, единственото дури и физички доживеано чувство се опишува како ГРЧ! Очекување на нешто уште полошо од ова што е сега пред нас. Претчувството на Касандра, која Аполон ја проколнал да не ѝ веруваат во пророштвата и да ја сметаат за луда сè додека не биде предоцна нешто да се смени.
Не е потребна анализа, бидејќи станува збор за река понорница (за длабок системски и општествен процес/операција што е во тек), која не дозволува овде да се постават цврсти темели, вклучувајќи ни народен суверенитет.
Ким Мехмети неодамна елоквентно и болно точно ја опиша европската перспектива, велејќи (парафразирам) „ако тој/тие се олицетворение на европските вредности, тогаш мене таква ЕУ не ми треба“. Штета што неговиот „лек“ за излез од оваа перманентна агонија е доведување на етнизацијата до крајна инстанца, до уставна поделба на моќта по етнички линии, слично на либанскиот модел. За да ја видите целата несреќа на Либан, погледнете во вестите малку подалеку од регионов (а тука тапаните на војната веќе се слушаат во БиХ, не затоа што народот сака нова војна, туку затоа што таа музика одговара на геополитичкиот момент на оние што свират за народот да игра). Главната вест денеска (13.11.) гласи: „Либанската влада го изневерува својот народ, вели специјалниот пратеник на ОН за екстремна сиромаштија, предупредувајќи дека државата е на пат да стане пропадната држава“.
И така, заробени меѓу европската иднина, која само што не дошла, и пропаднатата држава, која чука на врата, остануваме киднапирани, мртви души. Само што немаме Гогољ да ја опише нашата „тажна Македонија“ (да го парафразирам Пушкиновиот извик по читањето на романот). Колку „Мртви души“ зборува и за нас и за сите угнетени, зборува оцената на Херцен: „Гогољевата поезија е крик на ужасот и срамот што ги испушта човекот, понижен од нискиот живот, кога наеднаш ќе го забележи во огледалото своето скотско лице“. Ние ни Гогољ го имаме, ни огледало да си ги видиме понижените и скотски „европски“ лица.