Рускиот претседател Владимир Путин и „Газпром“ не ја создадоа новата криза со недостиг од гас во Европа, но би ја искористиле шансата што им се нуди, вели Стивен Сестанович за ЦФР
Европа доживува енергетски превирања, при што цените на природниот гас пораснаа минатиот месец до нивоа пет пати повеќе од оние пред една година. Некои аналитичари ја гледаат Русија како виновник во оваа нова криза, но за тензиите на пазарот има неколку други објаснувања: опаѓање на производството на гас во самата Европа, силен раст на побарувачката за енергија во Азија, исцрпување на резервите на гас во текот на ланската грејна сезона и помало производство од обновливи извори како што се ветерната и хидроенергијата. Во последниве години, европските увозници очекуваа да го намалат ваквиот недостиг со зголемување на набавките на течен природен гас (ЛНГ). Сепак, намалувањето кај многу неевропски производители на течен природен гас, вклучувајќи и во САД, ја ставија таа опција барем привремено надвор од дофат.
Дали Русија ја поттикнува кризата?
И да и не. Бидејќи толку многу глобални, регионални и локални фактори придонесуваат за затегнатост на пазарите, само Москва тешко може да се обвини за високите цени и недостигот. Многу експерти истакнуваат дека самата Русија се бореше да го зголеми производството (и да ги одржи сопствените резерви). Претседателот Владимир Путин ги нарече тврдењата дека неговата земја го користи енергентите „политички мотивирани празни зборови“.
Сепак, превирањата ја потврдуваат подготвеноста на Русија да ги искористи ранливостите на своите клиенти, како што се гледа во претходните спорови со Украина и со Естонија. „Газпром“, најголемиот руски производител на природен гас, досега одбиваше да ги зголеми испораките во Европа надвор од оние што се опфатени со долгорочни договори. Во исто време, руските лидери не се двоумат да го поврзат поголемиот извоз со брзото одобрување на гасоводот „Северен тек 2“, кој сега е практично завршен, но чека регулаторно зелено светло за да започне со испорака на гас. Одејќи уште подалеку, „Газпром“ ѝ соопшти на Молдавија дека цената на идните испораки на гас ќе зависи од тоа дали поранешната советска држава ќе го остави настрана трговскиот договор со Европската Унија (ЕУ).
Како би можел да одговори европскиот пазар?
Одговорот на европските влади сè уште се обликува. Тие, најверојатно, ќе продолжат со пристапот „чекор по чекор“ за прифаќање на „Северен тек 2“. Некои земји можеби дури и тивко го поздравуваат начинот на кој недостигот го поттикна напред процесот на одобрување. Но бидејќи кризата разоткри многу други елементи на енергетската несигурност на Европа, таа ги принуди земјите-членки на ЕУ, а и самата Унија, да разгледаат низа мерки за ограничување на идните ранливости.
Одговорите што сега се разгледуваат се движат од мали чекори за да се олесни непосредното влијание на повисоките трошоци за електрична енергија врз домаќинствата со ниски приходи до целосно преиспитување на регулативите што го регулираат внатрешниот енергетски пазар во Европа. Исто така, се разгледуваат предлозите за обнова на стратегиските резерви на гас (како што се задолжителни минимални нивоа, што веќе се применува за резервите на нафта), олеснување на техничките пречки за трансферот на гориво меѓу земјите, зајакнување на инвестициите во обновливите извори на енергија и дефинирање на таканаречениот Европски зелен договор. Некои функционери на ЕУ, исто така, сакаат да започнат истрага против „Газпром“ за кршење на европските антимонополски правила.
Ширината на овие опции ги одразува повеќето причини за сегашните превирања. Малку од нив имаат отворена антируска димензија, а истрагата за „Газпром“ е исклучок. Сепак, освен официјалното одобрување на „Северен тек 2“, тие веројатно нема да го овозможат она што Путин го постави за негова главна цел, а тоа е заклучување на идното потпирање на рускиот гас преку долгорочни договори.
Која е крајната цел?
Европските влади, како и потрошувачите, повторно ги откриваат ризиците и трошоците од зависноста од испораките на руски гас. Дебатата за тоа како да се ограничи идната зависност може да вклучи дел од реториката против Путин. Дури и да не вклучува, досегашното справување на Путин со кризата ја прави помала веројатноста дека ЕУ ќе го прифати видот на енергетските односи што Русија ги бара.
Сегашната затегнатост на енергетските пазари, исто така, ќе ги обврзе европските влади да разгледаат еден аспект од транзицијата од јаглеводородните горива што тие не го имаат решено целосно. Постепеното намалување на инвестициите во сопственото производство на природен гас на ЕУ ризикува да ја зголеми пазарната моќ (и потенцијалот за создавање проблеми) на најголемиот снабдувач на континентот. Европските лидери нема да бидат задоволни со оваа перспектива сега кога станува јасно каде може да ги доведе.