Премиерот Зоран Заев повторно не се појави на рочиштето во граѓанската парница со потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
– Јас сум апсолутно убеден дека Зоран Заев не може да го добие овој спор против мене во тужбата за клевета. Всушност, најдобар доказ за тоа е што повторно не се појави на рочиштето. Да ја потсетам јавноста дека тој ме тужи мене, а не го тужам јас него, изјави за медиумите Николоски по денешното рочиште во Граѓанскиот суд во Скопје.
Тој додаде дека самото непојавување на Заев доволно говори.
– Ова се работи кои се добро познати на македонската јавност, за коишто всушност суд даде и народот на изборите кои се одржаа во неделата на 31 октомври, така што самото негово непојавување во судот доволно говори за тоа на чија страна е вистината – истакна Николоски кој очекува судот да донесе пресуда во негова корист.
Заев го тужи Николовски за изјава дадена во август 2019 година, во која тужениот го обвинува оти е на врвот на пирамидата што рекетирала над 20 милиони евра. Заев бара отштета од 60.000 денари. Претходно и Вице Заев, братот на премиерот, го тужеше Николовски за клевета, со што судот пресуди во корист на тужителот.