Полската влада побара помош од Европскиот суд на правдата само неколку дена откако ја отфрли неговата јурисдикција во неколку клучни области, пишува „Политико“. Полска заедно со Унгарија побара од Европскиот суд да ја укине новата мерка со која Унијата го оневозможува пристапот до средства од буџетот на ЕУ за државите за кои се смета дека го прекршуваат владеењето на правото.
Европските институции во долгогодишната битка за суштинските вредности на Унијата ги обвинуваат Варшава и Будимпешта за уназадување на владеењето на правото и на основните демократски стандарди. Завчерашно сослушување пред судот во Луксембург отвори нов фронт во конфликтот, како што наведува „Политико“.
Новата мерка усвоена од ЕУ во декември минатата година, поврзана со управувањето со буџетот на Унијата, предизвика загриженост во Варшава и во Будимпешта чии влади стравуваат дека би можеле да останат без милиони евра од европските фондови. Експертите очекуваат Европската комисија за првпат да ја покрене мерката во следните неколку недели, иако не е јасно кои земји-членки ќе бидат нејзина цел.
Адвокатите кои ги претставуваат Полска и Унгарија укажаа дека мерката не е наменета за заштита на буџетот на ЕУ, туку за спроведување на политичка казна. Тие тврдат дека мерката претставува и скриен обид за аплицирање на процедурата од членот 7 во рамки на договорот за ЕУ, според кој земјите-членки можат да останат без правото на глас во ЕУ, ако се утврди дека ги кршат вредностите на Унијата. Од друга страна, правните застапници на институциите на ЕУ ја бранеа мерката.
Мерката поврзана со буџетот на ЕУ стапи во сила во јануари, но европските лидери бараа од Европската комисија да се воздржи од нејзина имплементација, додека членовите на Европскиот парламент извршија притисок врз Комисијата да го покрене механизмот. Пресудата на Европскиот суд по ова прашање не се очекува во следните неколку месеци.