На повидок смирување на тензиите меѓу Белград и Приштина
Главните преговарачи во техничкиот дијалог меѓу Белград и Приштина, Петар Петковиќ и Бесник Бислими, денеска во Брисел ќе треба да се сретнат и да разговараат за кризата во северно Косово, најави Петер Стано, портпарол на европскиот министер за надворешни работи Жозеп Борел.
Портпаролот Стано неделава потврди дека заменик-помошникот државен секретар за Европа и Евроазија Габриел Ескобар ќе биде вклучен во активности насочени кон изнаоѓање решение за кризата во северно Косово. Борел оцени дека за безусловно отстранување на тензиите на северот на Косово, косовските полициски сили мора веднаш да се повлечат, а српските барикади на патиштата да бидат отстранети.
Слично како и ЕУ, и САД излегоа со ново соопштение, во кое информираа дека ќе преземат итни чекори за да се запре ескалацијата на тензиите на северот од Косово, јави „Танјуг“.
Во меѓувреме, неколку дена, Србите од северот на Косово ги блокираат патиштата кон премините Јариње и Брњаќ, преку кои може да се помине само пеш.
Тие го започнаа протестот на 20 септември, кога Владата во Приштина испрати специјални полициски сили во Јариње и во Брњаќ и тие започнаа да ги отстрануваат српските регистарски таблички на возилата од северот на Косово, но и оние од централана Србија што влегуваат во земјата.
Поради настанатата ситуација, армијата на Србија е во состојба на зголемена борбена готовност, а нејзините борбени авиони во изминатите денови во неколку наврати прелетаа над областа во близината на преминот Јариње.
КФОР во понеделникот потврди дека ги зголемил бројот и времетраењето на рутинските патроли низ Косово, а особено на северот.