ШАХОВСКА ИНТЕРНЕТ-СЕРИЈА НА ШАМПИОНИТЕ, ФИНАЛЕ
Светскиот првак во шах, Норвежанецот Магнус Карлсен води по третото коло на финалниот турнир од интернет-серијата во забрзан шах, „Турнир на шампионите“, со 23,5 поени, пред Американецот Весли Со, со 18,5, и Ерменецот Левон Аронијан, со 12 поени. Карлсен беше прв во регуларниот дел и прв на три индивидуални турнири од оваа интернет-серија. На финалниот турнир за сезоната 2020/2021 играат десет шахисти, од кои осум се победници на индивидуални турнири од серијата, а двајца се со вајлд-карта и, за разлика од другите турнири, не се игра по нокаут-систем, туку секој со секого. Победа носи три поени (поразениот нула), а победа по тајбрејк два поена (еден за поразениот). Покрај овие поени, играчите почнуваат и со бонус-поени врз основа на ранг-листата до финалето. Играчот со најголем збир на бонус-поени и поени освоени во финалето ќе биде крунисан за шампион на турнејата. Завршниот турнир е со награден фонд од 300.000 долари, победникот ќе добие 100.000. Вкупниот награден фонд на турнејата изнесуваше 1,6 милион долари.