Насекаде околу нас има луди шапкари што зборуваат глупости и нѐ збунуваат, а сите ние продолжуваме да го бркаме зајакот, иако знаеме дека ќе паднеме во неговата дупка…
Нашата држава (како што некои алтернативно ја нарекуваат Македонија) сѐ повеќе наликува на земјата на чудата. Зошто? Насекаде околу нас има луди шапкари што зборуваат глупости и нѐ збунуваат, а сите ние продолжуваме да го бркаме зајакот, иако знаеме дека ќе паднеме во неговата дупка. Логиката по сѐ изгледа ја изгуби смислата во нашето општество. Но не мора да ни верувате на зборовите, само прочитајте ги искажувањата на нашата политичко-општествена елита.
Македонија ги заврши своите домашни задачи и е целосно подготвена да ги започне преговорите со Европската Унија. (Каков апсурд! Македонија никогаш нема да биде членка во Европската Унија затоа што насекаде околу нас има корупција, клиентизам и сѐ така без крај.) Доколку Груевски не ја провоцираше Грција во 2006 година со патриотска реторика, Македонија ќе беше членка на ЕУ во 2010 година. (Да, Груевски исто така беше виновен за грчкото ембарго во 1995 година.) Дивоградбите ќе се легализираат, ама по локалните избори. (Насекаде во светот дивоградбите се рушат бидејќи се бесправно изградени, а само кај нас се легализираат по избори.) Невработеноста е на историско најниско ниво, економијата ќе расте поради правилните политики. (Повторно апсурд! Македонците живеат во сиромаштија, а младите си заминуваат од нашата држава.) Продолжуваме да ја подобруваме бродбенд-инфраструктурата низ целата држава. (Навистина не го познавам значењето на зборот бродбенд, а верувам дека и илјадници граѓани не го знаат неговото значење.)
Можеме бесконечно да продолжиме со овие бессодржински зборови, но да ѝ погледнеме на реалноста во очи. Пред неколку дена го прочитав следново: „Многу сме сиромашни, четири деца одиме на училиште, моите се невработени, би ве замолил ако познавате некого кој би можел да ми подари алишта… Многу ќе ви благодарам. Утрово со мокри нозе дојдов од училиште, немам обувки, немам топла облека. Ако сака некој да ми донира нешто, мојата адреса е… Во голема беда сме, немаме ни ужина во школо да јадеме, а одлични ученици сме. Срамота е вака што бараме…“.
Но ужасот не завршува тука. На социјалните мрежи се појави и следнава информација: „Ова е… и лежи цел ден покрај аптеката… Јавено е во полиција, Црвен крст, Труд и социјала и никој не сака да преземе одговорност. Хипотермичен, со болви, неконтактибилен, со низок пулс и отечени екстремитети“. По неколку дена за споменатата личност можевме да прочитаме: „Туку што добив информација дека господинот… пред малку починал. Уште еден голем показател во какво труло и поделено општество живееме…“.
Ова е реалноста и можеме бесконечно да се лажеме, но време е да ја преобразиме оваа ужасната состојба, а решението е многу едноставно. Корпорацијата „Амазон“ објави дека планира да инвестира пет милијарди долари во изградба на нови центри за податоци во Нов Зеланд. Сосема логично треба да се запрашаме зошто „Амазон“ инвестира во Нов Зеланд, а не во нашата држава. Затоа што Нов Зеланд е држава во вистинска смисла на зборот, а нашата не е.
Како општество треба да обезбедиме поволни услови за странски инвестиции бидејќи на тој начин ќе се создадат нови работни места и ќе се елиминира екстремната сиромаштија. Можеби решението е едноставно, но задачите не се. Привлекувањето на странските компании изискува бескомпромисна борба против корупцијата, уништување на паразитскиот клиентизам, функционален судски систем и сѐ така до бесконечност.
Нашите сограѓани се соочуваат со екстремна сиромаштија и како општество треба да се засрамиме што дозволуваме учениците да немаат храна и дозволуваме луѓе да ни умираат по улиците. Затоа нашата држава нема да биде членка на Европската Унија.