Фото: Веб-страна на Косовска полиција

Пет лица се уапсени во рамките на полициската операција со кодно име „Бела ѕвезда“, која денеска беше спроведена на повеќе локации низ Косово со поддршка на Европол и на агенциите за спроведување на законот од Белгија, Франција и Холандија.

Од Косовската полиција информираа дека операцијата била реализирана под надзор на Специјалното обвинителство на Косово и врз основа на наредби издадени од Основниот суд, а нејзиниот тек на терен го следеле и претставници на странските институции заедно со надлежниот обвинител.

Акцијата била спроведена во Приштина, Пеќ, Призрен, Витина и Глоговац, при што биле извршени претреси на повеќе локации.

По одлука на специјалниот обвинител, петтемина осомничени се задржани во притвор во траење од 48 часа поради сомнение за учество или организирање криминална група, неовластена трговија со наркотични средства и перење пари.

Во текот на претресите биле запленети значителни количини материјални докази и имот. Меѓу одземените предмети се шест парчиња оружје, пет рамки за муниција, 239 куршуми, 9,67 грама супстанца за која се сомнева дека е кокаин, 35,18 грама семе за кое постои сомнение дека е марихуана, како и 25 мобилни телефони, 7.595 евра во готовина, десет возила, еден мотоцикл, десет компјутери, 13 УСБ-уреди, ДВР-систем и 16 часовници.

Од Специјалното обвинителство и Косовската полиција порачаа дека остануваат посветени на борбата против организираниот криминал и зајакнувањето на владеењето на правото, нагласувајќи дека ќе продолжат со координирани активности за спречување, истрага и кривично гонење на сторителите на кривични дела во согласност со законите.