Три лица се повредени во инцидент што се случи во училиштето „Ко-оп Академи Блекли“ во Манчестер, при што полицијата приведе една ученичка, јавуваат британските медиуми.
Според весникот „Манчестер Ивнинг Њуз“, повредените се здобиле со повреди кои одговараат на убоди од нож. Засега не е познат степенот на нивните повреди, но полицијата соопшти дека во моментов не се смета дека тие се сериозни.
На местото на настанот интервенирале голем број припадници на службите за итна помош и полицијата, а училиштето веднаш било ставено под безбедносна блокада. Очевидци и родители пријавиле засилено полициско присуство пред училиштето, како и хеликоптер кој кружел над областа.
Од полицијата соопштија дека реагирале на инцидент во училиштето на улицата Плант Хил Роуд во Блекли, каде што била уапсена една ученичка.
-Три лица се повредени, но во овој момент не се верува дека нивните повреди се сериозни. Итните служби остануваат на местото на настанот и му обезбедуваат поддршка на училиштето. Не се смета дека постои поширока закана за учениците и персоналот – се наведува во полициското соопштение.
Локалниот политичар Дин Лук Бут ги повика граѓаните да ја избегнуваат областа околу училиштето додека трае полициската интервенција.
Во меѓувреме, училиштето презело дополнителни мерки за безбедност, при што учениците биле задржани во училниците како превентивна мерка. Родители на социјалните мрежи објавија дека децата се безбедни и дека училиштето постапило согласно безбедносните протоколи.
-Мојот син е во деветто одделение. Ми се јави и ми кажа дека децата се заклучени во училниците како мерка на претпазливост. Значи, безбедни се – напиша една мајка на Фејсбук.
Полицијата продолжува со истрагата за околностите што довеле до инцидентот, а засега не се соопштени дополнителни детали за мотивите или за идентитетот на уапсената ученичка.

































