Фото: Маја Јаневска-Илиева / Илустрација

Секоја недела во Европската Унија се открива нова, претходно непозната дрога, а бројот на супстанции што ги следат европските институции веќе надминува 1.050. Ова е наведено во најновиот извештај на Агенција на Европската Унија за дроги, презентиран денеска во Брисел.

Во извештајот се предупредува на зголемен ризик од ширење на пазарот на дрога преку електронските цигари, како и на појавата на моќни синтетички опијати, пренесе МИА.

Според податоците, во 2019 година во ЕУ биле регистрирани најмалку 7.600 смртни случаи поврзани со предозирање. Најголем дел од нив се поврзани со употреба на опијати, често во комбинација со лекови добиени од опиум или силни аналгетици. Експертите препорачуваат поширока достапност на противотровот Налоксон за да се намали ризикот од смртни случаи.

Извештајот покажува дека европскиот пазар на хероин останува стабилен и покрај забраната за одгледување афион што талибанците ја воведоа во Авганистан во 2022 година. Производството на афион продолжува во други земји, меѓу кои Пакистан и Мјанмар. Минатата година во Пакистан биле регистрирани повеќе од 9.000 хектари под афион, додека во Мјанмар над 45.000 хектари, што е највисоко ниво во последната деценија.

Употребата на кокаин останува висока низ Европа. Се проценува дека околу 4,3 милиони лица на возраст од 15 до 64 години користат кокаин.

Иако употребата на кетамин е релативно ниска, бројот на лица кои побарале третман поради зависност од оваа супстанција е четирипати поголем во споредба со претходните години.

Најкористена нелегална дрога во Европа и понатаму е марихуаната. Според извештајот, во текот на минатата година марихуана користеле речиси 25 милиони Европејци на возраст од 15 до 64 години.