Фото: Нова Македонија

Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против 36-годишен скопјанец осомничен за семејно насилство, телесни повреди, загрозување на сигурноста и предизвикување општа опасност.

Според информациите од Основно јавно обвинителство Скопје, инцидентот се случил синоќа околу полноќ во семејниот дом во Скопје, каде осомничениот физички ги нападнал сопругата и нејзината мајка.

Обвинителството наведува дека тој најпрво им се заканувал на сопругата и на нивните две малолетни деца, на возраст од четири и шест години. Кога сопругата побарала да престане, ја оттурнал и ѝ нанел телесни повреди.

Потоа започнал да крши покуќнина и со клуб маса замавнал кон мајката на сопругата, при што ја повредил во пределот на ногата и градниот кош. Осомничениот, според обвинителството, упатувал закани по живот кон членовите на семејството, а во еден момент извадил и нож со кој замавнувал, предизвикувајќи страв и чувство на несигурност кај присутните.

По повикот за помош од сопругата, во домот пристигнале нејзиниот татко и брат, но осомничениот продолжил да им се заканува. Во текот на инцидентот го пуштил и своето куче од расата шарпланинец, кое нападнало еден од оштетените и му нанело повреди на надлактицата и потколеницата.

Од Обвинителството посочуваат дека поради опасност од бегство и можност за повторување на делото, до судија на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје е доставен предлог за определување мерка притвор.