Хрватскиот епидемиолог од Заводот за јавно здравство, Ива Пем Новосел, гостувајќи во ХРТ, каде што зборуваше за состојбата со коронавирусот, истакна дека Хрватска сѐ уште не е на врвот на четвртиот бран, но дека и тој е во замав. Според неа, хрватските власти размислуваат дали и кога би почнал и процесот на повторна вакцинација на здравствените работници во земјата.
– Ние што сме вакцинирани веруваме дека сме заштитени. Да, но од тешка форма на болеста и од хоспитализација, но не и од заразување со ковид. Кога ги следиме бројките, прво имавме 500, потоа 900, па преминавме 1.000, така што се приближивме опасно до бројката од 2.000 новозаразени и се плашам дека ќе ја надминеме оваа недела. Не би сакала да давам негативни најави, но и покрај сите најдобри очекувања, очигледно е дека варијантата делта е многу заразна – вели д-р Пем Новосел.
Во однос на третата доза од вакцината против ковид-19, таа нагласи дека, според искуството од Израел, најверојатно вакцинацијата против овој вирус ќе стане сезонска и во Хрватска.
– Израелците веќе се подготвуваат да ја дадат четвртата доза од вакцината и тврдат дека сезонски ќе се вакцинираме против ковид-19, барем еднаш годишно, наесен. Фактот дека вирусот мутира е исто така основен проблем со овој вирус. Со оглед на тоа што претходно се надевавме дека откако ќе го надминеме, ќе добиеме доживотен имунитет и нема да мораме повеќе да се вакцинираме, за жал, поради овие мутации не е така – рече Пем Новосел. Хрватскиот епидемиолог додаде дека се размислува и за повторно вакцинирање на здравствените работници. Оваа недела најпрво се чека одлуката на ниво на ЕУ, па потоа Хрватска ќе излезе со својот став.