Имаме институции, имаме и добри закони за битка со корупцијата, но кај нас не секогаш има вистинска и искрена волја за отворена „војна“ со корупцијата. Експертите со кои се консултиравме порачуваат дека „овој проблем се поразува само со војна, а не со кампањи“. Се обидуваме да се справуваме со корупцијата кампањски и сметаме дека тоа може да се случи со некој фатален пресврт или нешто слично што би довело до некој драматичен прогрес во борбата со корупцијата?! Тие сметаат дека „тоа не оди така, борбата со корупцијата мора да се одвива дневно со секој потег на Владата, на локалните власти, носителите на јавни функции“…
БИТКАТА СО КОРУПЦИЈАТА ДА НЕ СЕ СВЕДУВА НА ШАРЕНИ МАРКЕТИНШКИ КАМПАЊИ
Како што се наближуваат локалните избори така како по некоја навика и од претходно од други изборни циклуси досега, се актуализираат и рециклираат кампањите за битката со корупцијата. Рака на срце, ова прашање навистина со години е проблем број еден за Македонија и една од пречките што нѐ држи подалеку од Унијата. Проблемот со корупцијата се нотира и во многубројните извештаи на меѓународните организации, каде што се заклучува дека земјава стагнира кога е во прашање борбата против корупцијата, а „Транспаренси интернешнал“ ја рангира на 111-то место од 180 земји, според индексот за перцепција на корупцијата во 2020 година.
Актуелна тема за дебати, дежурна тема за властите, но зошто без ефекти?
Ваквите рангирања и негативни показатели речиси постојано го подигаат прашањето за корупцијата на ниво на актуелна, односно дежурна тема во домашната јавност. Имено, редица години и власта и опозицијата посветуваат многу внимание и постојано почнуваат нови и нови кампањи за борба против корупцијата. Токму неодамна, надлежните повторно почнаа една таква кампања насловена „Сега сè е јавно“. За обележување е дека и претходно, од страна на актуелната владејачка гарнитура беше водена ваква слична кампања, а беше насловена „Метла“. Од друга страна, во период кога коалицијата на партијата ВМРО-ДПМНЕ беше носител на извршната власт, борбата против корупцијата се водеше преку кампања насловена „Осмели се, пријави корупција“.
Но и покрај мноштвото кампањи и вербални заложби за борба против корупцијата, јавноста со право се прашува какви се ефектите од сите овие кампањи и дали државата поседува системски механизми суштински за да ја порази корупцијата.
Актуелни и поранешни антикорупционери со кои се консултиравме велат дека за битката со корупција е потребна волја и таа се поразува единствено со отворена војна против неа. Според антикорупционерите, Македонија има одлични системски решенија преточени во институциите, професионален кадар и соодветни закони за битка со овој проблем што нѐ држи надвор од вратите на Европската Унија, но недостига волја за битка со проблемот. Антикорупционерите додаваат дека кампањите на сите досегашни влади на оваа тема не дале резултати бидејќи проблемот не се решава кампањски туку се надминува со трајни државни политики насочени кон поразување на проблемот.
Кампањите што ги воделе сите влади досега не помогнале многу во државната битка со корупцијата
Антикорупционерот Горан Трпеноски вели дека кампањите што ги водат и ги воделе сите влади досега, без разлика како се тие именувани, не помагаат многу во државната битка со овој најголем македонски проблем.
– Кампањите се алатка на партиите што ги предводеле сите влади во државата досега да ѝ покажат на меѓународната заедница дека божем водат директна битка со корупцијата и криминалот. Во суштина, многу е тешко да се искорени корупцијата, таа е проблем и за многу помоќни држави од Македонија, па оттука кампањите се дополнително и алатка за ловење гласови за време на изборите – вели Трпеноски.
Тој подвлекува дека нашата држава има системски решенија за анулирање на овие состојби, но потребна е волја од оние што ја предводат државата навистина да се справат со овој проблем.
– Ние имаме институции, имаме и добри закони за битка со корупцијата, но кај нас не секогаш има вистинска и искрена волја за отворена војна со корупцијата. Овој проблем се поразува само со војна, а не со кампањи. Корупцијата во Македонија ја има од најниските слоеви, па до највисоките, од портирот, па до министерот и таа може да се порази само со отворена војна против неа, а не со декларативни и убаво спакувани заложби – резимира Трпеноски.
Поранешниот антикорупционер и адвокат Драган Малиновски смета дека со моментот на објавување на оваа кампања не може да се исклучи дека е таа поврзана со изборниот процес што ни претстои есенва.
– Мене тоа што ми пречи е дека се обидуваме да се справуваме со корупцијата кампањски, на некој начин мислиме дека тоа може да се случи со некој фатален пресврт или нешто слично што би довело до некој драматичен прогрес во борбата со корупцијата. Тоа не оди така, борбата со корупцијата мора да се одвива дневно со секој потег на Владата, на локалните власти, носителите на јавни функции – вели Малиновски.