Фоајето на домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп неодамна беше место каде што се „украсуваше македонска поезија“, како дел од извонредниот проект „Цело е кога има 30“, кој е посветен на триесетгодишната независност на Македонија.
Работилницата „Украсуваме македонска поезија“ тематски ја осмисли и реализира Јулијана Талеска, наставничка по македонски јазик и литература во ООУ „Климент Охридски“ во Прилеп. Таа ја води и драмската секција во училиштето и постојано со учениците изведува проектна настава и проекти на различни теми.
– Средбата со учениците беше емотивна, бидејќи ги немав видено цела година. Па, друштвото на познати лица мотивирани за работа ме правеше многу среќна. Идејата на оваа работилница беше доближување на поезијата кај учесниците. Поради малиот интерес за поезија, се одлучив за техниката блекаут, која веќе ја имам работено и за учениците е многу интересен предизвик. Изборот на поети беше предизвик, пред сѐ сакав да бидат застапени и женски автори, но ми значеше да има и автори од заедниците, бидејќи независноста не е заслуга само на етничките Македонци. Избрав автори што не може да се изостават: Блаже Конески, Славко Јаневски, Матеја Матевски, Петре М. Андреевски, Гане Тодоровски, Влада Урошевиќ, Михаил Ренџов, Ацо Шопов…, но и современи автори, кои денес творат и имаат прекрасни поетски творби – вели наставничката Јулијана Талеска.

Таа дополни дека на учениците им се допаднал изборот што го направила.
– Голем дел од нив првпат се сретна со некои автори. Исто така тие имаа можност да се задлабочат во песната што ја добија и да изберат еден стих, кој го споделуваа со другите, запишувајќи го на изложбениот простор. Стиховите допираа до нив на невообичаен начин.
Освен гореспоменатите автори, беа прочитани и илустрирани и авторите: Адем Гајтани, Илхамин Емин, Лина Димоска, Линдита Ахмети, Никола Маџиров, Иван Антовски, Игор Исаковски, Николина Андова-Шопова, Милутин Станчиќ, Филип Димкоски, Озген Сулејманоски, Ана Стојаноска, Румена Бужаровска, Евгенија Шуплинова, Владимир Лукач, Ванчо Полозаноски, Ѓоко Здравески и Владимир Мартиновски – вели Талеска.
Учениците од изработките подготвиле и изложба, која била поставена во фоајето на домот на културата „Марко Цепенков“ во Прилеп.


Чешмите

Од тие чешми со милост во гласот,
со корита од гранит или мрамор,
не еден патник го наоѓал спасот,
да откине од жедост и замор.

И прероден ќе седнел тој во ладот
да почека жештината да спласне,
со лебец да го подзалаже гладот
и нешто пипер-патлиџан да касне.

И тука, под тој багрем или круша,
на една мисла ќе го учи умот
за таа чешма – дека има душа.

И најпосле го довел дома друмот,
но често дури на сон ќе го слуша
по мраморот на таа чешма шумот.

Блаже Конески