Жртви на коронавирусот или на новите соеви овој пат не се само граѓаните што не се вакцинирани туку дури и тие што еднаш веќе ја прележале пандемијата, а и тие што имаа(т) примено двојна доза вакцина. Не е мал бројот на граѓани што иако се вакцинирале сепак го закачиле вирусот, за што потврда е и ова лично сведоштво, како еден вид предупредување и поука за сите за повнимателно и поодговорно однесување. Зашто ако во нешто во овој изминат период се уверивме сите ние, тоа е дека со пандемијата нема импровизации и играње
Иако сите домашни и светски стручњаци, здравствени работници, епидемиолози, виролози… прогнозираа дека по 1,5 година од појавата на коронавирусот ќе имаме мирно и спокојно лето и дека по сето тоа што го доживеавме и преживеавме во минатата година конечно ќе се израдуваме на животот и ќе се одмориме, сепак, за жал, повторно прогнозите не се остварија, не само кај нас туку и во светот. Македонија деновиве е со бројки од околу илјадa новозаразени на дневно ниво и со десетици починати се наоѓа во самиот врв на Европа и во светот, па се најде на „црната“ листа на ЕУ. Жртви на коронавирусот или на новите соеви овој пат не се само граѓаните што не се вакцинирани туку дури и тие што еднаш веќе ја прележале пандемијата, а и тие што имаа(т)примено двојна доза вакцина. Не е мал бројот на граѓани што иако се вакцинирале сепак го закачиле вирусот, за што потврда е и ова лично сведоштво, но како поука за сите за повнимателно и поодговорно однесување. Зашто велат дека искуството почувствувано на своја кожа и најдолго се памети и треба да преставува еден вид патоказ и поука за сите други во борбата со пандемијата. По речиси 1,5 година максимално внимавање и дисциплинирано однесување во заштитата и справувањето со пандемијата и по двете примени дози вакцина на „Спутник V“, не само што деновиве јас се соочив со коронавирусот туку се заразија и мојата ќерка, вакцинирана со двојна доза „Фајзер“, и сопругата, која има примено една доза вакцина исто така „Фајзер“. Да не ги изгубеше мирисот и вкусот ќерка ми и не се тестираше, јас немаше да знам дека сум позитивен. Исто така тоа немаше да го знае ни сопругата. Токму откако ќерка ми излезе на тестот позитивна, иако немавме речиси никакви симптоми, веднаш и ние истиот ден се тестиравме и на наше големо изненадување излеговме сите тројца позитивни и од тој ден сме во изолација. Денеска кога ќе го читате ова сведоштво истекува седмиот ден откако сме во изолација. Позитивните резултати од тестот најблаго речено нѐ изненадија сите. Иако сме позитивни со лесна клиничка слика, сепак изолацијата морам искрено да кажам дека доста нѐ погоди. Страшно е чувството кога сите од фамилијата се позитивни и кога покрај за своето здравје треба да се грижиш и за здравјето на своите најблиски. Тоа е навистина голем психолошки стрес и шок. Со денови се храбревме и настојувавме психолошки да не паднеме. Сите што овие денови или претходно биле во изолација секако размислуваат каде и како се заразиле од коронавирусот. И ние постојано го враќаме филмот назад со кого сме се сретнале, со кого сме биле во друштво, со кого сме се поздравиле.
Ги анализиравме и неколкуте ручеци во рестораните со мојот братучед што се врати од САД. Имате само мноштво претпоставки, но без јасно видлива трага. Откако ние излеговме позитивни, братучедот од САД се тестираше и излезе дека е негативен. Тоа уште повеќе треба да нѐ увери сите дека пандемијата е секаде околу нас и дека ги следи сите наши импровизации и „екскурзии“. За разлика од нас, кои по вакцинацијата се олабавивме и целосно се ослободивме, коронавирусот не се опушти. Напротив, тој постојано будно нѐ следи и го чека секој наш погрешен потег и поволен момент да нѐ нападне. Фактот што и по двете примени дози вакцини ние се заразивме е само уште една потврда дека нема апсолутна заштита од ковид-19 и дека сѐ додека не се искорени оваа подмолна заразна болест, покрај вакцината мора и натаму да се штитиме со носење маски, одржување дистанци, одржување хигиена.
А како ќе се искорени вирусот, кога кај нас како да стана најважно прашање дали рестораните ќе работаат или не, дали ќе има забави, концерти, свадби, журки. Додека нас нѐ проверуваат дали сме вакцинирани при влез во затворени објекти, никој не го проверува персоналот на рестораните дали е вакциниран, како се приготвува и сервира храната, дали се прави дезинфекција итн. И некои од угостителите како да се ослободија, па веќе не само што не носат нараквици туку не носат ни маски, а секој ден имаат контакт со стоици гости, не само од градот туку и од странство. Познат е случајот во Битола кога во еден врвен и модерен ресторан се заразија не само гостите туку и целиот персонал, па и сопственикот и неговата сестра, која подоцна почина. Се чини дека надлежните здравствени власти што во изминатиот период излегуваа со многу мерки, за жал, и натаму доста импровизираат. Имаше неконзистентност во потезите и мислењата на експертите и надлежните за начинот на кој се справуваме со пандемијата.
Дури и денес, по толку многу заразени и жртви, за жал, има и такви што мислат дека вакцинацијата не придонесува за заштита. Во нашиот случај токму вакцинацијата придонесе да имаме лесна клиничка слика. Каква ќе била таа доколку не бевме вакцинирани, никој не би сакал да прогнозира. Оттаму вакцинацијата засега е и останува да биде единствена најдобра заштитна мерка од пандемијата. Но нашето искуство зборува дека и по вакцинацијата, сѐ уште сме изложени на зараза и не сме имуни да не се заразиме. Затоа, покрај вакцинацијата, почитувањето на протоколите, носењето маска во затворен простор, одржувањето дистанца и хигиена се најдобрите заштитни мерки од пандемијата. Деновиве кога треба да почне новата учебна година и учениците треба да почнат да одат на училиште со физичко присуство, родителите и децата се ставени пред ново искушение и предизвик како успешно да се продолжи образовниот процес, но истовремено и максимално да се заштити здравјето и да се минимизира ризикот од зараза.
Токму поради непредвидливоста на вирусот засега е премногу храбро, па би рекол дури и наивно да се прогнозира како ќе се одвива болеста сега и во наредниот период. Но ако во нешто во овој изминат период се уверивме сите ние, а не само здравствените работници, тоа е дека со пандемијата нема импровизации и играње. Таа е болест што еднакво ги напаѓа сите, и млади и стари, и дека тие што ги поткачи оваа заразна болест врват буквално низ пекол. Политичарите мора да сфатат дека справувањето со пандемијата не е партиско прашање, на власта или на опозицијата, на СДСМ или на ВМРО-ДПМНЕ. Од оваа болест се заразуваат сите, без разлика на која политичка партија им припаѓаат. Заразените од ковид-19 ги лекуваат доктори и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ. Затоа и партиите треба да заборават на своите политички суети и да се ослободат од партиските инфицирани умови. Само здружено, одговорно, со вакцинација и максимално почитување на пропишаните мерки за заштита можеме да ѝ застанеме на патот на пандемијата.