Авганистанците го опишуваат првиот ден од владеењето на новиот режим

Арифа Ахмади го почна првиот ден под власта на талибанците со палење на нејзините фармерки и на сите други алишта кои новиот режим би ги сметал за несоодветени, на почетокот на новата ера во Авганистан по повлекувањето на американските трупи. Таа е дел од генерацијата која во изминатите 20 години имаше можност да стекне образование и да работи за време на владата поддржана од Западот, но го загуби своето работно место кога талибанците ја преземаа контролата врз Авганистан, пренесува „Гардијан“.

– Утринава плачам. Мојот брат ми купи бурка и ги спалив фармерките. Плачев додека го правев тоа. Со нив изгореа и моите надежи. Ништо веќе нема да ме направи среќна. Само ја чекам смртта и веќе не го сакам овој живот – вели Ахмади.

Многумина Авганистанци во Кабул се обидуваат да повлечат пари од банките, со што талибанците одредија ограничување од 200 долари при повторното отворање на банките.

– Целиот свој живот сум во Кабул, но никогаш не сум го видел градот ваков. Луѓето ги загубија чувствата и не се грижат веќе. Мојата генерација загуби се за неколку часа. Луѓето се скршени – посочува Несар Карими.

Многумина ја отфрлија модерната облека стравувајќи од режимот на талибанците.

– Одлучив да пуштам брада и да носам традиционална авганистанска облека како прва превентивна мерка за избегнување на заканата од талибанците. Морам да го сторам тоа за да преживеам, иако нема јасни наредби за облекувањето. Разликата помеѓу животот и смртта е тесна под контролата на овие луѓе – истакна Мазар Ишариф.

Талибанците засега се обидуваат да создадат нов имиџ, покажувајќи трпеливост, со цел да ја одоброволат меѓународната заедница. Водството на новата власт во повеќе наврати повтори дека населението треба да се третира достоинствено, без да се спроведуваат казни, но многумина изразија сомнеж за намерите на талибанците.