Со стивнувањето на авганистанската војна, Централната разузнавачка агенција (ЦИА) очекуваше постепено да го насочи нејзиното внимание настрана од контратероризмот и да се префрли на традиционалното разузнавање насочено против Кина и Русија. Но, двете смртоносни експлозии што одекнаа во Кабул во четвртокот, беа последни во низата настани по падот на авганистанската влада и враќањето на талибанците што го попречија тој план, пишува „Њујорк тајмс“.
Американските разузнавачи сега ги менуваат плановите за да се справат со заканите кои произлегуваат од авганистанскиот хаос. Тие преговараат за нови бази во централноазиските држави, вршат процена колку агенти ќе можат да работат со изворите во Авганистан, без сигурноста што ја пружаа воените и дипломатски претставништва во изминатите две децении, истовремено одредувајќи кои се најповолните локации за покренување напади со дронови.
Самиот американски претседател Џо Бајден јавно вети дека САД ќе ги ловат одговорните за бомбашките напади, а Америка и нејзините сојузници ќе се обидат да спречат Авганистан повторно да се претвори во засолниште за терористите. Се смета дека понатамошното присуството на Американците во Авганистан, по повлекувањето на трупите, ќе се одвива во рамките на операција што нема да биде јавно признаена.
– Ситуацијата ќе стане многу потешка. Агенцијата е повлечена во многу различни правци – вели Дон Хепбурн, поранешен офицер на ЦИА кој служеше во Авганистан.
ЦИА ќе биде насочена кон лов на терористичките групи кои можат да вршат напади и надвор од Авганистан. Сепак, забрзаното повлекување на Американците ја разурна нејзината мрежа, која разузнавачите ќе треба да ја обноват. ЦИА се соочува со бројни предизвици во Авганистан, но се наведува дека агенцијата го предвидела враќањето на талибанците, па веројатно веќе преземала одредени дејствија.