Ивица
Боцевски
Потребно е македонското собрание да формира анкетна комисија којашто ќе подготви извештај како и зошто Македонија влегла во воените мисии во Ирак и во Авганистан, кои политички актери ги носеле одлуките и врз кои претпоставки, колку овие дејства го чинеле македонскиот буџет низ годините, што биле придобивките за македонската армија од учеството во воените операции, кои се последиците за угледот на државата и за надворешната политика на Македонија, дали воопшто вредеше влезот во овие воени авантури, но и зошто не е постигната главната цел при носењето на одлуката за испраќање македонска војска во Ирак и во Авганистан – влез во НАТО под уставното име
Зошто Македонија учествуваше во американските мисии во Авганистан? Постојат меѓници во историјата, точки коишто означуваат крај на една историска епоха. Падот на Кабул на 15 август 2021 година, по безмалку дваесетгодишна американска окупација на Авганистан, и повторното враќање на талибанците на власт ќе останат засекогаш врежани во глобалното историско сеќавање. Величествените планински масиви на Хиндукуш продолжуваат да бидат пркосни сведоци дека нема бегање од историските закономерности. Не е можно со сила или со пари да му се наметнат култура, традиција и институции на кој било народ и на која било точка на Земјината топка. Туѓинци не умеат да градат нации, макар биле инспирирани од најблагородните побуди. Исто така, не е можно да се воведе демократија со сила, со странски пари, со странски експерти и според модели од други општества. Демократијата, модернизацијата и економскиот развој секогаш и секаде се производ исклучиво на внатрешниот општествен, економски, културен, институционален и политички развој.
За Америка немам дилеми дека сега ќе следи едно долго национално преиспитување и прочистување. Американците умеат да се соочуваат со сопствените грешки и заблуди.
Не толку одамна токму „најдобрите и најпаметните“ ја внесоа Америка во крвавата авантура во Виетнам, којашто остави длабоки лузни во американското општество и доведе до целосно предефинирање на американската култура, но и до болни поделби чиишто последици не се залечени ни до ден-денес. Може да се подвлече интересна паралела дека врвот на контракултурата во 1970-тите дојде токму некако кон крајот на американската интервенција во Виетнам, а актуелниот подем на новата култура на разбуденост коинцидира со конечното американско повлекување од Авганистан. Дел од соочувањето со шокот е и преиспитување, па дури и негација на сите аспекти од сопствената култура, а тоа секогаш е болен, контроверзен и конфликтен процес, којшто не се знае како и каде ќе заврши. За ова сурово и мамурничаво соочување на Американците со вистината за Виетнамската војна сведочат книгите како „Нештата коишто тие ги носеа“ од Тим О’Брајан, „Полињата на огнот“ од Џејмс Веб и мојата омилена „Матерхорн“ од Карл Марлантес, потоа култните филмови „Боев куршум“ од Стенли Кјубрик, „Вод на смртта“ од Оливер Стоун и „Форест гамп“ на Роберт Зимекис. Ќе биде интересно да ги следиме и културните производи при соочувањето со американската авганистанска епизода.
Сепак, Америка има неверојатна способност за сопствено внатрешно прочистување и за своја морална, политичка и интелектуална обнова. Само деценија и половина по виетнамската трагедија, Америка повторно беше блескав „град на ридот“ и најпривлечна земја за најумните и најпробивните од целиот свет, вклучувајќи и многумина од мојата генерација. Впрочем, глобалната култура сè уште доминантно се обликува по американски урнек.
Но да се вратам на клучното прашање од овој текст: Зошто Македонија учествуваше во американските мисии во Авганистан? Подобро би било прашањето зошто никој не дискутира на таа тема во овој момент и не се извлекуваат лекции од оваа наша авантура во Хиндукуш.
На почетокот на 2000-тите години, тогашната македонска политичка врхушка добива барање од САД за наше вклучување во меѓународната интервенција во Авганистан, а потоа и во Ирак. Тоа е времето кога сè уште со месеци излегуваа чадот и правот од урнатините на кулите близначки по нападот од 11 септември 2001 година. НАТО, по првпат во историјата, го активира петтиот член од повелбата и светот влезе во војна против тероризмот. Македонија одлучува да го прифати американското барање и активно да се вклучи во сите воени и разузнавачки операции. Но како тоа ѝ беше објаснето на домашната јавност. Иако декларативно Македонија го оправда своето учество во американската воена интервенција на вредносни основи (борба против тероризмот, женски права, малцински права и така натаму), сепак главниот наш мотив беше да се испрати јасен сигнал дека Македонија му припаѓа на политичкиот круг предводен од САД, како и желбата да се создаде поволен амбиент во Вашингтон за нивна поддршка за македонски влез во НАТО, но под уставното име или барем под референцата, како и за нивна поддршка за македонската европска интеграција (и тука не е скромно влијанието на американската дипломатија). Овие цели беа стратегиски цели на Македонија и имаа консензуална поддршка од сите политички партии и од клучните политички чинители во земјата (иако немаа никаква поддршка од јавноста).
Нормално, имаше и претерувања на коишто сведочевме во изминативе две децении. Се сеќавам како омилена досетка на еден американски амбасадор беше дека Пентагон инсистирал македонската војска да биде дел од операциите во Азија затоа што „само Македонците по вторпат ќе ги окупираат Авганистан и Ирак“ (да, пред таканаречената антиквизација и вакви шеги беа политички коректни во Скопје). Потоа, во сите говори на македонските дипломатски претставници гордо се истакнуваше дека „Македонија од увозник на безбедност се претвори во извозник на безбедност“ и слични несолени реторички проблесоци. Но, сепак, стратегиската цел беше да се создаде амбиент во Вашингтон дека Македонија е партнер од доверба, за да може потоа продлабочено да се разговара и за најгорливиот проблем околу грчкиот спор за името.
Гледано низ актуелната призма, се чини дека ниту една од овие цели на Македонија, а особено клучната цел, влез во НАТО под уставното име, не беше реализирана, и покрај огромните трошоци на скромниот македонски воен буџет за реализација на двете мисии во Авганистан и во Ирак, а да не зборуваме за огромниот внатрешен ризик којшто цело време висеше како Дамоклов меч над македонската политика (македонското учество во овие операции немаше никаква поддршка од домашната јавност и може само да замисли што ќе се случеше доколку некој наш македонски војник го изгубеше животот во овие мисии). Македонија не влезе во НАТО под своето уставно име.
За сето ова треба да се извлечат лекции низ една продлабочена дебата и низ една институционална истрага. Потребно е македонското собрание да формира анкетна комисија којашто ќе подготви извештај како и зошто Македонија влегла во воените мисии во Ирак и во Авганистан, кои политички актери ги носеле одлуките и врз кои претпоставки, колку овие дејства го чинеле македонскиот буџет низ годините, што биле придобивките за македонската армија од учеството во воените операции, кои се последиците за угледот на државата и за надворешната политика на Македонија, дали воопшто вредеше влезот во овие воени авантури, но и зошто не е постигната главната цел при носењето на одлуката за испраќање македонска војска во Ирак и во Авганистан – влез во НАТО под уставното име.
Јасно е дека сите актери и сите клучни политички чинители ќе сакаат оваа дебата воопшто да не се води или едноставно да се забошоти, но единствено низ институционална обработка на клучните македонски заблуди ќе може да ја вратиме Македонија на вистинскиот колосек и на демократски врвици.