Овој интерес е и благодарение на вложеноста на лекторите по македонски јазик во лекторатите на странските универзитети, како и на професорите/предавачите македонисти и слависти на странските универзитети, вели Весна Мојсова-Чепишевска, директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик
Годинашната 54. Летна школа и 48. Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ ќе се одржат од 15 август до 5 септември, по пауза од една година, во Охрид, културно-историското светилиште на духот и традицијата на македонистиката, со настава и предавања во живо и со почитување на пропишаните протоколи за време на пандемијата.
– На оваа 54. Летна школа своето учество го потврдија четириесетина нови и стари, непознати и помалку или повеќе познати семинаристи од 15 земји во светот, и тоа од: Малезија, Велика Британија, САД, Руската Федерација, Белорусија, Швајцарија, Словенија, Хрватска, Србија, Грција, Турција, Унгарија, Полска, Словачка и Република Чешка. Овој интерес е и благодарение на вложеноста на лекторите по македонски јазик во лекторатите на странските универзитети, како и на професорите/предавачите македонисти и слависти на странските универзитети – вели Весна Мојсова-Чепишевска, директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик.
Свеченото отворање ќе се случи на 16 август, со почеток во 12 часот, во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид. Свечени обраќања ќе имаат претседателот на државата, Стево Пендаровски, и ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски. Свеченоста ќе продолжи со пригоднoто обраќањe на Мојсова-Чепишевска, по што ќе следува промоција на Зборникот со предавања од ланската Летна школа.
– Во текот на дваесетина дена, учесниците на годинешната Летна школа ќе имаат можност да слушаат лекторска настава со вкупен фонд од 55 часа, како и 13 предавања од врвни специјалисти и познавачи на творештвото на Блаже Конески од повеќе аспекти, но и да проследат неколку културни настани – вели Мојсова-Чепишевска.
Од областа на литературата и културата предавањата ќе ги отвори Маја Јакимовска-Тошиќ со „Блаже Конески на медиевистички теми“, Искра Тасевска Хаџи-Бошкова ќе зборува за „Блаже Конески за македонската литература од 19 век“, Лидија Стојановиќ-Лафазановска ќе се осврне на неговата врска со Зборникот на Миладиновци, Катица Ќулавкова ќе зборува за неговата поетика на прозата, Ѓоко Ѓоргевски ќе направи препрочитување на неговата „Молитва“, Ана Мартиновска ќе зборува за Конески како инспирација. Свои предавања ќе имаат и Елизабета Шелева на темата „Блаже Конески во 21 век“, Венко Андоновски на темата „Апокрифното потекло на поимите сила, бог и острастеност во епско-лирските песни на Конески“, а Димитар Пандев на темата „Блаже Конески и Охрид“.
Од областа на јазикот, предавања поврзани со Конески ќе имаат: Станислава-Сташа Тофоска, Гордана Алексова, Елена Јованова-Грујовска, Људмил Спасов.
– Во рамките на 54. Летна школа, на 25 август, на платформата Зум ќе се организира и тркалезна маса на темата „Блаже Конески во наставата по македонски јазик, литература и култура на странските универзитети“, на која ќе учествуваат 15 лектори по македонски јазик на странските универзитети и универзитетски професори (странски македонисти). Исто така, треба да се истакне дека се планирани и неколку промоции на изданија, меѓу кои се издвојуваат: „Конески на 11 јазици“, зборник со препеви на песни и преводи на прозни текстови од Конески остварени од странски македонисти, инаку слушатели на двата напредни курса за литература и за преведување на Зимската школа што се одржа од 25 јануари до 5 февруари оваа година, и тоа на: руски, полски, чешки, словенечки, хрватски, српски, бугарски, италијански, шпански, грчки и турски јазик и „Теми за македонската литература 20 век“ од академик Ала Шешкен од МГУ „Ломоносов“ (дел од македонистиката на овој универзитет и добитничка на почесното Рациново признание што се доделува во рамките на Рациновите средби) – вели директорката на семинарот.
Во текот на оваа јубилејна година, семинарот оствари повеќе настани, како што беше Првата зимска школа, две исклучителни свечени одбележувања на платформата Зум, и тоа на: 45 години изучување на македонскиот јазик, литература и култура на Филолошкиот факултет на Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“ и 35 години изучување на македонскиот јазик, литература и култура на Факултетот за литература на Истанбулскиот универзитет.
И оваа 54. Летна школа е дел од годишната програма на МСМЈЛК при УКИМ, а се остварува во рамките на богатата програма посветена на големиот јубилеј на великанот Блаже Конески, како дел од Програмата на манифестацијата „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, под покровителство на претседателот на државата, Стево Пендаровски, а во координација на Министерството за култура во соработка со Министерството за образование и наука.
По 54. Летна школа се најавува и 48. Меѓународна научна конференција, на која покрај домашни ќе учествуваат и 20 странски излагачи, која ќе се одржи на 3 и 4 септември 2021 г. во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид. Координатори на оваа конференција се: Станислава-Сташа Тофоска за темите од лингвистичката секција и Трајче Стамески за темите од областа на литературата и културата. Околу 80 македонисти, слависти и балканисти ќе ги изложат своите истражувања на темата „100 години од раѓањето на Блаже Конески – стожер на македонскиот јазик, литература и култура“