ОХРИД

Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, неодамна одржа работна средба со претставници од Центарот за управување со кризи, Територијалната противпожарна единица, Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување, јавното претпријатие „Mакедонски шуми“, националниот парк Галичица и со претставници на шумската полиција.
Целта на средбата била да се согледа состојбата со пожарите на подрачјето на Општина Охрид, а се разгледуваа можностите за превентивно дејствување во насока на избегнување на пожарите што „беснеат“ на неколку региони во државава.
– На состанокот се направи целосен преглед на расположливите човечки и материјално-технички ресурси при пожар и беше истакнато дека во случај на пожар мора плански и координирано да дејствуваат сите релевантни институции, со цел да се избегне катастрофа. Меѓу другото беше посочено дека мора да се алармира и детектира секоја појава на лице што е потенцијален предизвикувач на пожари – информираат во Општина Охрид.

Во насока на превенција, патролни служби од полицијата ги контролираат шумите во охридското подрачје, а четири резервоари со вода од по два тони се поставени во тешкопристапните предели низ охридските шуми.
Состојбата во Охридско-струшкиот Регион во однос на пожарите е мирна. Од почетокот на годината до денес охридските пожарникари интервенирале 180 пати.
Kaко што последно информираа во Центарот за управување со кризи, има неколку пожари на неколку локации во државата. Пожарот во Делчевскиот Регион доби нов интензитет и се прошири на две нови жаришта во селата Разловци и Тработивиште. Пожарот во селото Будинарци е активен и се проширува кон Општина Берово. Активен пожар има и кај Сарај, селото Буковиќ, каде што од вчера месното население и противпожарната бригада се справуваат на терен. Во Скопје има пожар и во Петровец, кој е практично префрлен од Велес на скопска територија. Пожар избувнал и во Општина Студеничани, како и во Иванковци. На сите локации дејствуваат противпожарни екипи.