ГЕВГЕЛИЈА

И во текот на летните месеци, интензивно се гради браната „Конско“ на планината Кожув, која се наоѓа во непосредна близина на селото Старо Конско. Деновиве можат да се забележат десетици работници и возила на местото што ќе биде од исклучително значење за Гевгелискиот Регион.
Браната започна да се гради пред три години. Пред една година околу 60 отсто од изградбата беше завршена, а сега веќе градежните работи се пред самиот крај. Се очекува наскоро да се наполи со вода. Капиталниот проект е финансиран од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, од Програмата за рурален развој и од буџетот за таа намена се издвоени 40 милиони евра.
Браната „Конско“ е од исклучително значење за наводнувањето на земјоделските површини од овој регион, но оваа брана истовремено има мултифункционална намена. Со изградбата на браната, ќе се обезбеди редовно снабдување со квалитетна вода за пиење, за наводнување на земјоделските површини, за производство на електрична енергија, но ќе значи и обезбедена вода за дотур за спас на Дојранско Езеро.
Браната „Конско“ ќе обезбеди вода за наводнување на нови 8.000 хектари земјоделски површини, со што наводнуваните земјоделски површини ги зголемуваме за пет пати. Изминатите години ова беше голем проблем за земјоделците и ја зголемуваше цената на земјоделските производи. Со оваа брана ќе се создадат неопходните услови за дополнителен развој на земјоделството, зголемување на производството на храна со намалени и конкурентни цени.
Вештачкото езеро на браната „Конско“ ќе се наоѓа на 20 километри од Гевгелија. Наедно ќе претставува и нова содржина во локалната туристичка понуда на Гевгелија. Тоа ќе значи зголемување на економскиот раст, животниот стандард на населението, унапредување на здравјето и квалитетот на животот на граѓаните од целиот овој крај и развој на Општина Гевгелија на повеќе нивоа. За Општина Гевгелија оваа брана има големо значење, наводнување, развој на туризмот, обезбедување чиста вода за пиење. Ова е најголема инвестиција во последните 50 години во Општина Гевгелија.