Откако бројот на хоспитализирани со посилни симптоми на коронавирусот во изминатиов период почна да се зголемува, Владата викендов донесе нови мерки за заштита од ширењето на пандемијата, а министерот за здравство Венко Филипче сериозно предупреди дека се наоѓаме на почетокот на нов пандемиски бран, во кој кулминира делта-сојот на вирусот. На тоа, како што објасни министерот, укажуваат бројките на новозаразени, кои растат како кај нас, така и во земјите од соседството.
Бројот на хоспитализирани лица со ковид-19 во изминатите денови се зголемил на 150, при што ситуацијата е најсериозна во Тетово. Поради ваквиот тренд на рапиден раст на новозаболени од ковид-19, од 16 август се воведуваат нови рестриктивни мерки.
Според одлуките донесени на владината седница во саботата, на настани што се организираат на затворено ќе може да влегуваат само вакцинирани лица, а се предвидени голем број ограничувања за работењето на рестораните, кафулињата, ноќните клубови, дискотеките, кабареата, баровите…
Приложувањето и поседувањето потврда за извршена имунизација, најмалку прва доза вакцина, се однесува на лицата над 18-годишна возраст. Од Владата велат дека надлежните инспекциски служби во претстојниот период треба да ги интензивираат контролите за стриктна примена и почитување на превентивните препораки, привремените мерки и наредените мерки по однос на ковид-19.
Министерот Филипче, по вчерашната координацијата со директорите на здравствените установи, објави дека системот се организира, болниците се подготвуваат за сите можни сценарија за лекување ковид-пациенти, но дека истовремено тече и редовната програма за итните случаи и пациенти со малигни заболувања, како и ротации на персоналот.
Според саботните статистики, активни се 1.618 болни, од кои најмногу се во Тетово – 486 и во Скопје – 474, а заболени има уште во 23 града низ земјава. Ј.П.