Како решение за екстремната жештина, според новите упатства на САД опен, главниот судија на турнирот Брајан Ерли дозволил 10-минутна пауза помеѓу третиот и четвртиот сет (кај жените тоа е меѓу вториот и третиот сет)
Жешкото време во Њујорк им прави големи проблеми на организаторите на тенискиот гранслем-турнир САД опен. Ниту играчите ниту организаторите не паметат кога последен пат било толку жешко за време на турнирите. Дури шестмина тенисери ги прекинаа и ги предадоа мечевите поради големата жештина, а петмина од нив побарале медицинска помош. Според зборовите на литванскиот тенисер Ричардс Бераникис, поради високата температура и сувиот воздух, условите на турнирот биле „опасни по живот“.
– Сметам дека организаторот требаше да ги откаже натпреварите. Тоа на терените не беше здраво. Се подготвувавме за игра во „топли услови“, но ова беше премногу. Ова е опасно. АТП нема правило за топлината, но тие, сепак, требаше да ги запрат натпреварите – изјавил Бераникис, по предавањето на мечот со Кореецот Хеон Чунг во четвртиот сет.
Како решение за екстремната жештина, со новите упатства за САД опен, главниот судија на турнирот Брајан Ерли дозволил 10-минутна пауза помеѓу третиот и четвртиот сет, доколку барем еден од играчите го побара тоа (кај жените тоа е меѓу вториот и третиот сет). Ваква пауза за разладување искористиле српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ и неговиот ривал Унгарецот Мартон Фрушчович, кои во поттрибинскиот простор се разладувале во кади со ладна вода и мраз.
За разлика од мажите, тенисерките поради жештините не предадоа ниту еден меч на САД опен по првите два дена.