Фото: Игор Бансколиев

Вакцинацијата е единствен начин да се спречи ширењето на делта-сојот во земјава, а со тоа де се спречи и евентуален нов силен бран на вирусот. По детектирањето на седум пациенти кај кои е утврдено присуство на индиската варијанта, се испостави дека тие не биле вакцинирани, што уште еднаш го потврдува фактот колку е потребно граѓаните што побрзо да се вакцинираат, соопшти министерството за здравство.

– Делта-сојот е присутен во околу 100 земји во светот, оттука ние како држава не може да бидеме изземени тој да се рашири и кај нас. Состојбата во нашата земја, гледано од епидемиолошки аспект засега е мирна, секојдневно се следи ситуацијата и се прават анализи на истата. Сепак, делта-сојот има висока трансибилност, оттука важно е граѓаните масовно да се вакцинираат. Сите официјални информации од меѓународните здравствени институции, домашни анализи на експерти и стручњаци во областа на вирусологијата и епидемиологијата, укажуваат на тоа дека единствен начин да се спречи ширењето на делта сојот или другите соеви на СарсЦов2 е вакцинацијата. Сите вакцини кои ги има кај нас се безбедни признаени од СЗО и националните институти на земјите што ги произведуваат. Секоја вакцина е ефикасна и штити од тешка форма на болеста, компликации или смртен исход – се наведува во соопштението.

Министерството за здравство апелира до граѓаните дека е важно да се спроведе брза и ефиксна вакцинација.

– Затоа упатуваме апел и повик до сите граѓани кои досега не се пријавиле за вакцинација или се двоумат, што побрзо да се вакцинираат. Вакцините се безбедни, ефикасни и единствен начин да ја одржиме состојбата стабилна. Веќе од понеделник 12 јули, вакцинацијата во државата ќе се одвива и без закажан термин, а ќе започне и теренската вакцинација така што вакцините ќе бидат достапни до секого и секаде – се наведува во повикот за вакцинација.