ГЕВГЕЛИЈА

Градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, неодамна ги потпиша договорите со градежните компании „Жикол“ и „Еуроинг“ за изведба на четири капитални зафати во општината Гевгелија што значително ќе ја подобрат патната инфраструктура. Станува збор за изградба на продолжението на Западниот булевар – улицата Св. Климент Охридски, новата сервисна улица до Милци, потоа изградбата на улицата Методија Андонов-Ченто, од влезот до центарот на Мрзенци, и улицата Александар Бел, во станбената населба на Мрзенски Рид. На објавениот јавен повик за најповолна понуда за изградба на двете улици во Мрзенци беше избрана фирмата „Жикол“, додека за изградба на продолжението на Западниот булевар и сервисната улица до преминот Богородица е избрана фирмата „Еуроинг“.

– По обезбедените средства и завршената тендерска постапка, започнува реализацијата на четири значајни инфраструктурни зафати во општината. Речиси една деценија се зборува за изградба на улицата Свети Климент Охридски во Гевгелија, поточно продолжување на булеварот Гевгелија и неговиот западен крак, од колективната станбена зграда, позната како Грчка, на Караорман, па до Динќут. Со изградбата на оваа значајна сообраќајница ќе се создадат услови за дислокација на товарниот сообраќај од центарот на градот, кој досега се одвиваше преку улицата Петар Мусев. Во првата фаза од оваа улица, со должина од 1.230 м, предвидено е изведување подготвителни работи, изведба на долен строј и дел од горен строј на улицата по целата должина и спојување со Моински пат кај Динќут – рече Поцков.
„Еуроинг“ ќе ја изведува и новопланираната улица, односно на стариот пат откај мотелот „Вардар“ до македонско-грчката граница. Улицата е со должина од 930 метри и во првата фаза се предвидува изведување на подготвителни работи, изведба на долен строј и дел од горен строј на улицата по целата должина. Со изградбата на оваа улица ќе се овозможи делницата на стариот автопат од мотелот „Вардар“ и хотелот „Сенатор“ да се поврзе со веќе изградената сообраќајна инфраструктура кај Милци и поврзување со автопатот Е75, со што Гевгелија ќе добие нов излез на автопатот.