СВЕТИ НИКОЛЕ

Социјалната зграда во Свети Николе е завршена и пред рокот, a во периодот што следува ќе се распише јавен оглас за распределба за социјално ранливите категории граѓани од oвој град. Министерот Благој Бочварски, заедно со градоначалникот на општината Сашо Велковски, изврши увид на завршениот објект.
Зградата е со вкупно 48 станбени единици, за што јавното претпријатие за стопанисување за станбен и деловен простор од значење за Републиката, преку Министерството за транспорт и врски, инвестира 66 милиони денари. Становите се наменети за лица од социјален ризик, а распределбата ќе се изврши по електронски пат.
Во најбрз рок ја завршивме зградата во Свети Николе за да овозможиме 48 социјални семејства да добијат покрив над главата. Сите технички процедури се завршени, останува зградата да се запише во катастар и да се објави јавен оглас за распределба на становите. Ова е начинот како оваа влада води грижа и за најранливите категории граѓани на кои ова им е најпотребно. Привршуваме со социјалната зграда во Виница и во Пробиштип, односно активно работиме на изградба на вкупно 661 стан во девет општини – изјави министерот Благој Бочварски.
Тој најави дека се започнува изградба на нова социјална зграда и во Кочани. За градоначалникот Сашо Велковски, изградбата на оваа социјална зграда е од особено значење за решавање на станбеното прашање на доволен број социјално загрозени семејства во Свети Николе.